Италијанската Влада одлучи до 3 мај да го продолжи карантинот воведен поради масовното ширење на коронавирусот, кој истекува на 13 април, објавија италијанските медиуми повикувајќи се на синдикатите.
Одлуката, што сè уште не е официјално објавена, била договорена вчера на состанокот на членовите на владиниот кабинет, вклучително и премиерот Џузепе Конте, со претставници на синдикатот и претставниците на работодавачите.
„Издржете до 3 мај, а потоа излегуваме“, пишува весникот „Ла Стампа“. Најтиражниот весник во Италија „Кориере дела сера“ на насловната страница објави: „Италија ќе биде затворена до 3 мај“.
Мерките ќе бидат зајакнати за време на велигденските празници со поставување контролни полициски пунктови бидејќи властите стравуваат дека падот во бројот на заразените и убавото време би можеле да ги охрабрат жителите да излезат и да ја прекршат забраната.
Во Милано се планира во текот на викендот да бидат поставени блокади на улиците, за да се спречат жителите да излегуваат и да одат во посета на роднини за да ги поминат велигденските празници заедно.
Ломбардија, регионот кој е најтешко погоден од епидемијата со коронавирус, оваа недела бележи зголемување на сообраќајот за 10 проценти во споредба со минатата недела. Локалните власти наредија затворање на маректите за да се спречат метежи поради празниците.
Според медиумите, по 13 април може да се очекува делумно олеснување на мерките за некои несуштински активности, односно да биде дозволено отворање на книжарниците, продавниците за канцелариски материјали, продавниците за облека за деца и некои компании за земјоделски машини.
Олеснувањето на мерките го најави и премиерот Конте во интервјуто за Би-би-си, прво од воведувањето на карантинот во неговата земја, која е најтешко погодена од коронавирусот на европскиот континент со 143 626 заразени и 18 279 починати лица.
Но, Светската здравствена организација вчера предупреди дека е премногу рано за олеснување на мерките и дека напротив мора тројно да се зголемат напорите за справување со пандемијата.
Во светот, според последните податоци, заразени со коронавирус се 1 614 405 лица, 96 789 починале, а 362 409 лица оздравеле.