Ова го тврдат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со образложение дека поради полицискиот час намалени им се можностите на жртвите да ги пријавуваат насилниците со кои се затворени дома
Со воведувањето на вонредната состојба за справување со пандемијата со ковид-19 сите граѓани се затворени во своите домови, што ја отежнува состојбата на жртвите на семејно насилство, кои заедно со насилниците ги поминуваат овие денови, можноста за пријавување на насилство е драстично намалена, а зголемен е ризикот од психичко и физичко малтретирање, предупредуваат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Елена Димушевска, извршна директорка на мрежата, во изјава за МИА вели дека сè уште е рано да се оцени дали има промена во бројот на пријавите за семејно насилство во периодов откако е воведен полициска час во земјава, но истакнува дека воопшто не би било изненадувачко доколку бројот на пријави не е драстично зголемен, особено ако се земат предвид околностите.
Но, очекува нивниот број драстично да се зголеми по завршување на вонредната состојба, поради што институциите нема да можат да одговорат соодветно и да ја обезбедат заштитата за сите оние жени и деца на кои ќе им биде потребна.
Затоа од оваа невладина организација бараат државата итно да подготви мерки за заштита на жртвите на семејно насилство по завршување на вонредната состојба, односно да ги зголеми капацитетите за згрижување, финансиски да ги поддржи сервисите раководени од граѓанските организации и да развие модели за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви кои ја напуштиле насилната средина.
Едно од нивните барања кое го упатија до Владата е да не бидат санкционирани жените кои ќе мора да го напуштат домот и да пријават насилство во времетраење на полицискиот час, по што Министерството за внатрешни работи соопшти дека граѓаните кои сакаат да пријавата кривично дело тоа треба да го сторат на бесплатниот телефонски број 192 или во најблиската полициска станица и за тоа не им е потребна посебна дозвола. Тие непречено можат да се движат до најблиската полициска станица.
Истото важи и за граѓаните на кои поради извршено насилство или друго кривично дело им е потребна помош во здравствена установа, значи за тоа не е потребна посебна дозвола.
Предлози
Националната мрежа до Владата предложи и други итни мерки за заштита на жените и децата жртви на семејно насилство во услови на криза, но за некои од нив, како што велат се’ уште не е одговорено соодветно.
Еден од предлозите е Министерство за труд и социјална политика во соработка со Министерство за здравство да создаде протоколи за безбедно сместување на жени жртви на насилство и нивните деца, согласно препораките за заштита од ковид-19, како и МТСП да објави броеви за пријава на семејно насилство кои ќе бидат функционални 24/7, посебно за секој град каде има центар за социјална работа.
МВР и МТСП, пак, на неделно ниво да објавуваат статистика за бројот на пријавени случаи на семејно насилство, поделена по градови и пол на жртва.
Исто така, се бара жртвите на насилство да ги користат линиите за пријавување на истото (СОС-линии, МВР и ЦСР, граѓански организации) и линиите за помош и поддршка да работат преку онлајн-чатови и пораки, и СМС-пораки. Покрај пријавување на насилство на 192, да се наложи на службите за брза помош (194) и противпожарната бригада (193) да одговараат на повици за пријави на насилство и да ја известат надлежната полициска станица да постапи во најкраток можен рок.
Националните и локалните телевизии, како и другите видови на медиуми редовно да ги објавуваат броевите за пријавување и помош при семејно насилство и насилство врз деца, за сите градови каде што има сервиси и Центри за социјална работа. Националните и локалните телевизии, како и другите видови на медиуми да ги објават безбедносните насоки за жртвите како да се заштитат во своите домови.
Насоките за пријавување насилство и барање помош и поддршка да се објават на веб-страницата https://koronavirus.gov.mk/ каде се објавуваат сите податоци, мерки, насоки и друго поврзани со ковид-19 и кризната состојба.
Мерките за полициски час и останување во домот треба да прават исклучоци за сторителите на семејно насилство кои, во услови на ваква вонредна состојба, мора да се отстранат од домот и да бидат приведени, притворени или сместени на друга локација.
Голем број меѓународни организации кои се борат против семејното насилство укажаа дека изолацијата поради пандемијата го зголемува процентот на вакви случаи. Такви примери доаѓаат од Франција, Хрватска, од Кина и САД, а на ова предупредија и ОН, преку видеопораката што ја испрати генералниот секретар Антонио Гутереш.