„Моја задача е да сум оптимист и да работам тоа да се случи. Според моите сознанија, процесот ќе заврши успешно, се надевам навреме“, изјави шефот на дипломатијата одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг
Министерот за внатрешни работи на прашањето кој е партискиот став на ДУИ во однос на термините за одржување на претседателските и на парламентарните избори, односно дали тие да бидат заедно, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, или одвоено, рече дека тоа треба да биде договорено во заедничка консултација меѓу партиите, додавајќи дека на ДУИ ѝ одговара која било варијанта
Шефот на дипломатијата Бујар Османи е оптимист дека уставните измени, чие донесување е услов земјава да ги продолжи пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ), ќе се случат навреме и оти целиот процес ќе заврши успешно.

„Моја задача е да сум оптимист и да работам тоа да се случи. Според моите сознанија процесот ќе заврши успешно, се надевам навреме“,
изјави Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг.
Инаку, како краен рок до кога треба уставните амандмани, со кои Бугарите и делови од други народи треба да бидат вметнати во Преамбулата на Уставот, е посочен ноември кога треба да заврши и скрининг-процесот и да се одржи втората меѓувладина конференција меѓу С Македонија и ЕУ, со што ќе започнат преговорите по кластери, односно по поглавја.
Во моментов, околу ова прашање нема консензус меѓу политичките актери од власта и опозицијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и натаму останува на цврстиот став дека нема да гласаат за промена на Уставот под бугарски диктат.
Процесот на уставни измени почна на 18 август со гласање на дневниот ред на 123. Пленарна седница. Дневниот ред доби поддршка од 70 пратеници, додека 47 гласаа „против“, а немаше ниту еден „воздржан“.
Ова беше поздравено од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи, според нив, е јасен индикатор дека власта го нема потребното мнозинство за изгласување на уставните измени со кои Бугарите и делови од уште пет народи треба да влезат во Преамбулата на највисокиот правен акт во државата.
По усвојувањето на дневниот ред и дискусијата која траеше околу два и пол часа, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата, соопштувајќи дека за нејзиното продолжение, на кое треба да се гласа за пристапување кон измена на Уставот и за што е потребно двотретинско мнозинство, ќе извести дополнително.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тогаш, а и потоа во неколку наврати го обвини собранискиот спикер дека со одложувањето на гласањето за потребата од донесување на измените, за што е потребно двотретинско мнозинство, го крши Деловникот.
Џафери ги отфрли ваквите наводи. Тој, на прес-конференција на 21 август рече дека врз основа на координацијата со пратеничките групи политички оценил дека треба да ја прекине седницата и за нејзиното продолжение дополнително да ги извести пратениците.
Продолжението на седницата засега не е закажано и нема официјални информации кога тоа би можело да се случи.
Министерот за внатрешни работи денеска на брифингот беше прашан и за тоа кој е партискиот став на ДУИ во однос на термините за одржување на претседателските и на парламентарните избори, односно дали тие да бидат заедно, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, или одвоено.
Според Османи, тоа дополнително треба да биде одлучено во консултација со политичките партии.
„Изборите ќе бидат во редовен термин. А дали ќе бидат заедно или одвоено, тоа ќе треба заеднички да донесеме одлука, нам ни одговара било која варијанта“,
гласеше краткиот одговор на Османи на прашањето.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, минатата недела го повика премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, на лидерска средба на која би разговарале околу овие прашања.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на ова одговори дека нова лидерска средба меѓу него и лидерот на опозицијата може да има во секое време доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтегративниот процес.
Во меѓувреме, претседателот на Собранието, Талат Џафери, во изјава за МИА, во понеделникот (9 октомври) рече дека би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и за парламентарни избори само доколку претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа. Разговорите, ако се случат, според Џафери, би требало да завршат најдоцна до крајот на годината, затоа што ако се подоцна, тоа ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон, кои тој прецизно ги наведе во изјавата.
