„Сметам дека час поскоро треба да се извршат овие решенија, не само тука, туку на многу места низ државата и така да се прати порака дека никој не може да биде над државата, дека никој не смее да создава клима дека на нелегален начин може да се гради и да се избегнуваат законските решенија за лични интереси“, е одговорот на министерот за внатрешни работи на прашањето дали дивоградбите на Пластичарска во Скопје покажуваат немоќ на државата и владеењето на правото наспроти личните интереси и профитот на одредени структури кои имаат поддршка и од дел од институциите
Оливер Спасовски, во интервјуто за 360° на МРТ 1, тврди дека причина за досегашното непостапување на надлежните, вклучувајќи го и неговиот ресор – МВР, по решенијата за уривање на овие две дивоградби е расчекор меѓу институциите – еднаш полицијата не можела да асистира поради дојавите за поставени бомби, а вториот пат Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ја одзел документацијата од Општина Центар

360°: За случајот за кој би рекол дека е слика како можеби мафијата и криминалците се подобро организирани од државата или можеби се и дел од државните институции. Случајот со две дивоградби на Пластичарска се влече со месеци, ако не и со години, и тие никако да паднат, гледаме некакво меѓуинституционално надмудрување… Сакам да ве прашам за вашата улога и одговорност. Вие, МВР, во март првично давате согласност за асистенција при договорено уривање на тие дивоградби на Пластичарска и во последен момент ја откажувате асистенцијата. Зошто?
Спасовски: Имаме две барања за асистенција поднесени од Општината – едното е во февруари, а второто е во март. Во февруари, кога е дадена согласноста за асистенција и се подготвуваме, во истиот ден кога требаше да се изврши рушење на објектите, ние имавме 123 дојави за поставени бомби во училишта и најголемиот дел од ресурсите беше на терен поради состојбата која ја имавме и тогаш разговаравме и со градоначалникот и со Општината и замоливме тоа да го направиме во понеделник наместо да биде во, мислам дека беше четврток. Во март имаше ново барање од Општината, утврден датум, дадена согласност, но Општината подоцна нè извести дека се откажува извршувањето зашто Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам го презел целиот предмет за рушење на објектите. Тоа се двете барања кои биле доставени до МВР. Ние стоиме на располагање за извршување во секој момент. Пред дваесетина дена имавме еден таков случај за уривање на дивоградба во Инџиково, при што се побара, и тоа од висок ризик, и се изврши тоа рушење. Имавме и во Бутел итн… Значи, тоа е работа која постојано се врши.

360°: Дали постапувате по наредбите на ОЈО Скопје зашто тоа води предистрага – едно е да се најдат сторителите, а другото е за да се провери улогата на директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Фатмир Арифи? Имате ли сознанија дали се постапува по овие наредби?
Спасовски: Секако дека се постапува по сите наредби кои ги доставува кое било обвинителство зависно од тоа што треба да се обезбеди, дали документација…
360°: Дали за овој конкретен случај има напредок?
Спасовски: Конкретно, не знам во моментов до каде е предметот, но знам дека имаше наредби за кои МВР ги собра потребните документи и ги достави до Јавното обвинителство, секако дека е можно да има и нови наредби. Како и да е, секоја нова наредба, ние по неа ќе постапиме, ќе ги прибереме сите материјали, ќе се обезбедат сите докази, не само за овој предмет, туку за кој било предмет.
360°: Ќе се согласите ли дека случајот е парадигматичен во однос на тоа дали имаме држава и владеење на право?
Спасовски: Се согласувам, апсолутно, и сметам дека час поскоро треба да се извршат овие решенија, не само тука, туку на многу места низ државата и така да се прати порака дека никој не може да биде над државата, дека никој не смее да создава клима дека на нелегален начин може да се гради и да се избегнуваат законските решенија за лични интереси.
