Дебатата во Европскиот парламент која треба да се одржи денеска е на иницијатива на Алијансата на социјалистите и демократите, втора по големина пратеничка група во ЕП. Според европските социјалдемократи, мора да се утврдат сите факти за нападот, а одговорните да се соочат со правдата
Европскиот парламент (ЕП) денеска треба да одржи вонредна дебата за ситуацијата на северот на Косово, а се очекува на крајот на месецот да биде усвоена и резолуција, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Дебатата е на иницијатива на Алијансата на социјалистите и демократите, која е втора по големина пратеничка група во Европскиот парламент.
Европските социјалдемократи велат дека мора да се утврдат сите факти за нападот, а одговорните да се соочат со правдата.
„На наше барање, ЕП ќе усвои резолуција за Косово и Србија на втората пленарна седница во октомври. Ја осудуваме неодамнешната агресија на вооружена терористичка група врз косовските полицајци. Мора да се утврдат сите факти за нападот. Одговорните извршители мора да се соочат со правдата“,
се наведува во соопштението на европските социјалдемократи.
At our request, the EP will adopt a resolution on Kosovo and Serbia at Oct II plenary.
— S&D Group (@TheProgressives) October 2, 2023
We condemn recent aggression by an armed terrorist gang against Kosovo Police officers.
All facts about the attack need to be established.
The responsible perpetrators must face justice. pic.twitter.com/cVv4AxI3os
Европратеникот и иницијатор на расправата закажана за денеска, Тонино Пицула, во изјава за РСЕ вели дека резолуцијата треба да биде јасна оценка на ЕП за состојбата на односите меѓу Белград и Приштина, а во светло на последниот терористички напад на северот на Косово и убиството на полицаец.
„Покрај кривичната одговорност, треба да се утврди и политичка одговорност за последната ескалација на насилството. Пратениците исто така ќе ги кажат своите ставови за резултатите од посредничката улога на ЕУ во светло на очигледниот застој во спроведувањето на планот за нормализирање на односите“,
вели Пицула за РСЕ.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од вооружена група во селото Бањска, во Општина Звечан, на северот на Косово, кога беше убиен полицискиот наредник Африм Буњаку.
Во престрелката меѓу косовската полицијата и вооружената група, која се засолни во манастирот Бањска, беа убиени тројца припадници од групата од српска националност.
Косовските власти вчера објавија, како што велат, докази со кои се тврди дека подготовките, обуката и вежбите на вооружената група се одвивале во воен тренинг камп во Пасуљски Ливади, во близина на Јагодина во централна Србија и на Копаоник.
Објавени се фотографии и видеоснимки кои, според косовската полиција, се направени со дронови запленети од вооружената група во Бањска.
Во петокот, пет дена по инцидентот, доскорешниот потпретседател на Српска листа, најголемата партија на Србите на Косово, Милан Радоичиќ, преку писмо кое го прочита неговиот адвокат ја презеде целосната одговорност за нападот.
Косовските власти ја обвинија Србија дека нападот бил дел од поширок план за анексија на Косово, наводи кои српското воено раководство ги демантираше.
Наводите за вмешаност во нападот ги негираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој вчера во интервју за Си-ен-ен изјави дека сите кои учествувале во нападот на косовската полиција ќе одговараат пред надлежните институции на Србија.
Европската Унија инцидентот во Бањска го оквалификува како „терористички чин“ и предупреди дека може да следат последици доколку се утврди одговорност на српската држава за овој напад.
Во меѓувреме НАТО донесе одлука за распоредување на дополнителен број војници на северот на Косово како засилување на нивните сили во рамките на мисијата КФОР.