Одлуката и најавата за мерките не се направени преку ноќ. Прво, имаа рок од речиси 10 дена да ги направат тие измени. Имавме директни состаноци и со големите синџири супермаркети, добавувачите и производителите и тоа една недела пред да се донесе мерката на владина седница и другиот ден да биде во функција, рече Бектеши
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ги обелодени имињата на маркетите кои во скопскиот регион беа затворени од страна на Државниот пазарен инспекторат затоа што не ја почитувале новата одлука на Владата за поевтинување на производите и за гарантираната цена. Тој ги обвини медиумите дека намерно не ги споменуваат маркетите со име затоа што, како што рече, „најверојатно ви ургираат поради рекламите“. Според него, станува збор за маркети од синџирите „Веро“ и „Вива фреш“.
„Не ми е проблем да ги наведам маркетите кои се затворени, цела држава ги знае. Во скопскиот регион станува збор за ’Веро’ и ’Вива фреш’. Нема зошто да се има страв да се кажат. Сите што нема да ги почитуваат мерките ќе бидат затворени и наведени. И вие медиумите треба да ги наведете маркетите кои се затворени затоа што најверојатно ви сугерираат поради рекламите и не ги наведувате, туку само кажувате дека има затворени. Граѓаните треба да знаат кои маркети се затворени, а кои ги почитуваат мерките“,
кажа Бектеши.
Бектеши не се согласува со констатацијата на извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев, кој денеска рече дека казните што синџирите маркети ги добија изминативе денови се престроги и непотребни.
„Одлуката и најавата не се направени преку ноќ. Прво имаа рок од речиси 10 дена да ги направат тие измени. Имавме директни состаноци и со големите синџири супермаркети, добавувачите и производителите и тоа една недела пред да се донесе мерката на владина седница и другиот ден да биде во функција“,
коментираше Бектеши одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на компанијата „Алма М“ во Визбегово.
Бектеши рече дека имаат одлична соработка со Стопанската комора, но според него оттаму има контрадикторни изјави.
„Гледам дека имаат контрадикторни изјави бидејќи го слушнав претседателот Бранко Азески, кој во телевизиско гостување рече дека во државата треба да постапуваат сите инспекции согласно законските одредби. И ние го почитуваме тоа што е како порака од првиот човек на Стопанската комора и му ја исполнивме желбата и така ќе биде и во делот на затворањето, но и во делот на забрана за вршење на дејноста на одредени компании кои би можеле да работат спротивно на законските одредби“,
рече Бектеши.
Бектеши рече дека на синџирите супермаркети им е даден одреден рок за да се усогласат мерките и рече дека овие мерки ќе бидат спроведени во целост.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски истакна дека е предвидено казната да трае пет дена за маркетите кои беа затворени поради тоа што не ги намалиле цените.
Пешев денеска, коментирајќи го завчерашното затворање на повеќето синџири маркети во Скопје и Струга, рече дека тие немале доволно време да се приспособат во однос на намалувањето на цените затоа што се работи за околу 1 200 артикли. Тој додаде дека мерката за затворањето на маркетите е престрога, драконска, непотребна, предизвикува штети и тоа треба да биде последното нешто кон кое ќе прибегнат институциите.
Тој очекува уште денеска да се реши проблемот и маркетите повторно да почнат со работа.
Според најавите на Бектеши, Владата утре треба да донесе одлука за намалување на цените на пијалаците, а во тек е анализата за хигиенските производи која најверојатно ќе биде завршена до крајот на неделава.
„Тоа што знаеме точно е дека утре ќе има одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалаци. За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе видиме дали има простор да се донесат одредени мерки“,
додаде министерот за економија.