Според Ковачевски, зад случувањата во Косово стои, како што рече, нечија агенда со цел регионот повторно да се види како подрачје во кое има кавги меѓу соседите
Осуда за вчерашните случувања во Косово упати денеска премиерот Димитар Ковачевски и уште еднаш повтори дека нема никаква безбедносна закана за земјава.
„Тоа беше акт на насилство кој никому не му треба и сите се уверивме дека не носи ништо добро, освен немир, не само во Косово туку и во целиот регион. Во земјава не постои никаква основа за какво било стравување во однос на безбедносната ситуација“,
изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Алма-М“.
Според Ковачевски, зад случувањата во Косово стои, како што рече, нечија агенда со цел регионот повторно да се види како подрачје на кое има кавги меѓу соседите.
„Постои нечија агенда на луѓе кои сакаат овој регион повторно да го видат како регион на немир, регион на кавга меѓу соседите, меѓутоа за среќа има политичари како што се политичарите кај нас и во Албанија, верувам дека ги има во сите држави во регионот, кои сакаат да го видат регионот интегриран во ЕУ“,
рече Ковачевски.
Ковачевски изрази поддршка до безбедносните структури на Косово и до КФОР и додаде дека има и наши војници кои се дел од мисијата на КФОР во Косово, а со кои во текот на вчерашниот ден биле во постојан контакт. Тој го спомена и безбедното евакуирање на нашите граѓани кои беа затечени во регионот нагласувајќи дека Министерството за надворешни работи исклучително успешно си ја завршило работата.
Премиерот Ковачевски се согласи со апелот на еврокомесарот Оливер Вархеји кој побара истрага за да се откријат сторителите, мотивите и нарачателите.
Уверување за стабилната безбедносна состојба во државата Ковачевски даде и синоќа преку објава на Фејсбук во која рече дека граѓаните може да се спокојни затоа што нема никакви индикации за можни нарушувања. Тој додаде дека ситуацијата во Косово се следи со голема загриженост и рече дека имаат постојана комуникација и координација со нашите сојузници и стратешки партнери, а упати и апел за деескалација на настаните и на продолжување на дијалогот и решавање на сите отворени прашања на мирен и демократски начин.
Денеска и министерката за одбрана Славјанка Петровска рече дека Северна Македонија одблиску ја следи ситуацијата во Косово и според информациите со кои досега располагаат и ги разменуваат како земја членка на НАТО, случувањата таму не влијаат на загрозување на безбедноста на нашата држава.