Изразуваме сочувство до семејствата на тие луѓе, како и до семејството на албанскиот полицаец. Но, за сето ова е виновен Курти и оние кои му дозволија да го направи сето ова, да немаше албанска полиција, туку тоа да беа српски полицајци, како што беше соодветно, никогаш ништо немаше да се случи, рече Вучиќ
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека денешното убиство на косовскиот полицаец е апсолутно за осуда, но дека премиерот Албин Курти е единствениот виновен за она што се случи на Косово.
Вучиќ, вечерва во вонредното обраќање до јавноста по последните настани на Косово и пукањето во селото Бањска рече дека ова е еден од најтешките денови за земјата и народот од 2004 и 2008 година, и дека „Србите на Косово се побуниле, бидејќи не сакаат повеќе да го трпат теророт на Албин Курти“.
„Ни требаше многу време самите да истражиме што се случува на Косово, што се случувало утринава, претпладне и попладне, за да можеме да им ја кажеме вистината на луѓето и да го подготвиме теренот за носење на соодветните одлуки“,
кажа српскиот претседател.
Вучиќ изјави дека синоќа околу 02:46 часот група Срби од Косово поставиле два камиони како барикади во Бањска. Потоа дошла косовската полиција и се обидела да ги отстрани тие барикади. Настанал конфликт со Србите кои ги поставиле барикадите и во него загинал еден полицаец, а уште едно лице е рането.
Додаде дека во Брисел и во Њујорк предупредувал дека „ова може да се случи“, но дека „малку кој сакал да слушне“.
За соопштението од косовската полиција во кое се вели дека се убиени тројца напаѓачи, Вучиќ рече дека двајца од убиените Срби се од Митровица, но не го наведе нивниот идентитет додавајќи дека сè уште го проверуваат.
„Изразуваме сочувство до семејствата на тие луѓе, како и до семејството на албанскиот полицаец. Но, за сето ова е виновен Курти и оние кои му дозволија да го направи сето ова, да немаше албанска полиција, туку тоа да беа српски полицајци, како што беше соодветно, никогаш ништо немаше да се случи“,
рече Вучиќ.
Отфрлајќи ги наводите дека е вмешана српската полиција или војска, Вучиќ рече дека униформите што ги носеле оние кои се судриле со косовската полиција не се на српската војска или полиција и дека тие униформи може да се набават насекаде.
„Во никој случај не сакам да го оправдам убиството на полицаец Албанец, ниту можам да го оправдам. Тоа е чин за осуда и тоа е нешто што никому не му требаше“,
додаде Вучиќ.
Тој ја повика меѓународната заедница да формира Заедница на општини со српско мнозинство и рече дека на северот на Косово полицајците треба да бидат Срби.
Тој ги повика Србите на мир и воздржаност.
„Го повикуваме нашиот народ на смиреност и воздржаност и да веруваат во својата држава. Наше е да се обидеме да го зачуваме мирот“,
кажа Вучиќ.
Вучиќ рече дека Србија никогаш нема да го признае Косово „ниту формално, ниту неформално“, но додаде дека е подготвен за разговори.
Српскиот претседател кажа дека Советот за национална безбедност постојано е во заседание и дека утре ќе го соопшти ставот на Србија за овие настани.