Зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Куштрим Смајлај, ја основал фирмата „К.С.А. Интернешнл“ во јануари 2022 година и истата година веднаш остварил завидни резултати
До скоро, бизнис-партнер во таа компанија му бил Ерџан Сулкоски. Истиот Сулкоски, освен во фирмата на зетот на Ахмети, во 2022 станал косопоственик и на компанијата РКЕ на Ратко Капушевски, која го доби историски најголемиот тендер за набавка на мазут за државни потреби чија вредност беше околу 120 милиони евра
Како фирмата на зетот за ќерка на Али Ахмети, Куштрим Смајлај, успеала да направи приход од 12 милиони евра и профит од 2,5 милиони во првата година од работењето. Ова беше едно од прашањата за лидерот на Демократската унија за интерграција (ДУИ) во интервјуто за „360 степени“ емитувано на МРТ 1.
Одговорот на Ахмети покажа дека е тој е свесен дека зетот води бизнис, но се огради од конкретни податоци.

„Јас не ги знам конкретните податоци… Куштрим ми е зет, Ускана е моја ќерка. Но, обвинителството, судството, никој не е амнестиран, туку сите се еднакви пред законот. Јас не мислам дека Куштрим, зет ми, е сам, сигурно дека е со многу други компании. Јас не можам да му забранам никому од моето семејство да нема активности. Но, едно им ставив до знаење, пред законот се еднакви, како и секој граѓанин“
изјави Али Ахмети за „360 степени“.
На забелешката на новинарот дека, сепак, мора да се согласи оти 12 милиони евра приход и 2,5 милиони евра профит се многу за прва година (нецела 2022 г.) на постоење на една фирма во Северна Македонија, Ахмети одговори дека фирмата не била само на зетот.
„Мислам дека се повеќе компании, не е целата компанија на Куштрим. И за повеќе детали може да истражувате…“,
изјави Ахмети.
Проверка на податоците од Централниот регистар покажува дека зетот на Али Ахмети, Куштрим Смајлај, во моментов е единствен сопственик на компанијата „К.С.А. Интернешнл“. Имал еден партнер кога ја основал фирмата во јануари 2022 година – Ерџан Сулкоски, но тој од пред еден месец не е косопственик на „К.С.А. Интернешнл“.
На прашањето до Али Ахмети – дали го знае Ерџан Сулкоски, тој одговори:

„Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со… како се викаше, Ерџан Сулкоски. Првпат слушам од вас. Не сум го чул ни како име…“.
Во продолжение на разговорот, на Ахмети му беа презентирани податоци дека Ерџан Сулкоски, додека бил партнер на зетот на Али Ахмети во фирмата „К.С.А. Интернешнл“, станал косопственик, а потоа и коуправител во фирмата „РКМ“ на Ратко Капушевски. Станува збор за компанија која лани го склучи најголемиот договор за набавка на мазут за потребите на државата и ја заврши годината со 110 милиони евра приходи, од кои 6,2 милиони евра профит. Прецизно, Сулкоски влегува во „РКМ“ по добивањето на големиот тендер, во август 2022 година.
На прашањето од Ахмети, дали го знае пратеникот Јахоски, кој би можел да му каже кој е Сулкоски, Ахмети одговори:
„Исмаил Јахоски го познавам, тој е пратеник на ДУИ. Ќе ги прашам, ме направивте љубопитен, навистина не го знам (Сулкоски н.з.)“.
Ерџан Сулкоски излегол од фирмата „К.С.А. Интернешнл“ во која бил косопственик и коуправител со зетот на Али Ахмети пред помалку од еден месец, поточно на 23 август 2023 година.