Дваесетгодишно момче од Облешево утрово почина како последица на тешките телесни повреди здобиени во сообраќајна несреќа на локалниот пат кон селото Бања.
Обидот да му биде укажана медицинска помош бил неуспешен, а лекарите во Општата болница во Кочани ја констатирале смртта.

„Утрово во 5:48 часот во Полициската станица во Кочани е пријавено дека 20-годишниот А.М. од Облешево, управувајќи патничко возило ‘поло’ со штипски регистарски ознаки, излетал од коловозот на локалниот патен правец Облешево – Бања. Тој бил пренесен во болницата во Кочани каде што починал од здобиените повреди“,
изјави Гордана Панајотова, портпарол на СВР-Штип.
Во возилото немало сопатници, а екипа на Одделението за внатрешни работи од Кочани направила увид на местото на несреќата.
