„Во овој момент Основниот кривичен суд Скопје нема никакви проблеми во соработката со ОТА и со издавањето на наредби за спроведување на посебни истражни мерки“, велат од Кривичен на прашањата на „360 степени“
Од Врховниот суд, покрај одговорот дека од процедурален аспект не наидуваат на пречки во врска со наредбите за спроведување на ПИ-мерката следење на комуникации, даваат и кратко објаснување на улогата на ОТА во овој процес, укажувајќи на нејзината важност. Од Врховен наведуваат и дека е од суштинско значење обезбедувањето континуитет на работењето на Агенцијата од „сите аспекти“
„360 степени“ испрати прашања и до Оперативно-техничката агенција со кои побаравме одговор дали откако е без директор, а нов сè уште не е избран, Агенцијата се соочува со проблеми во работењето и доколку е тоа случај, со какви. Но, и по неколку дена, сè до објавувањето на овој текст, од ОТА не добивме никаков повратен допис
Вчера (15 септември 2023 година) истече рокот од десет дена во кој заинтересираните кандидати можеа да конкунираат на огласот за избор на нов директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА) што го распиша Собранието.

Речиси исто толку дена Агенцијата, кај која се активираат судските наредби за спроведување на посебната истражна мерка (ПИМ) за следење на комуникациите, е без директор, откако на доскорашниот Зоран Ангеловски на 7 септември му истече петгодишниот мандат, без право на повторен избор или продолжување на мандатот.
Собранието, во последен момент, на само два дена пред истекот на мандатот на Ангеловски, односно на 5 септември со 83 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ ја изгласа одлуката за распишување на огласот, кој еден ден подоцна беше објавен во „Службен весник“.
Ситуацијата со „обезглавената“ ОТА, независен државен орган и важна алка во синџирот на борбата со криминалот и заштита на безбедноста на државата, отвори многу прашања за нејзиното функционирање.
Едно и можеби главно е – како во ситуација кога е оставена без директор, Агенцијата ќе продолжи со извршувањето на наредбите за следење на комуникациите, кои ги издаваат судовите на барање на обвинителствата.
Неделава во врска со ова прашење одговори побаравме од Основниот кривичен суд Скопје и од Врховниот суд.
За појаснување, Кривичниот суд издава наредби за ПИ-мерката следење на комуникациите за истрагите за, условно кажано, случаи од спектарот на општиот криминал, а на барање на надлежен јавен обвинител.
Врховниот суд, пак, е задолжен за наредбите кои се однесуваат на следењето на комуникациите за прибирање докази во случаи во кои се водат постапки за заштита на безбедноста и одбраната на државата, односно кога е потребно превентивно да се деjствува во случаи на подготвување, поттикнување или извршување напад на државата – терористичка организација, тероризам или финансирање тероризам, како што е пропишано во Главата 3 (Услови и постапка за спроведување мерки за следење на комуникаците заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата) и членот 19 во Законот за следење на комуникациите.
Нема проблеми во спроведувањето на ПИМ, велат од Кривичен
Според одговорите што ги добивме, двата суда во моментов не наидуваат на пречки во соработката со ОТА и со наредбите за следење на комуникациите.
„Во овој момент Основниот кривичен суд Скопје нема никакви проблеми во соработката со ОТА и со издавањето на наредби за спроведување на посебни истражни мерки. Односно истите се издаваат по предлог на јавниот обвинител и се доставуаат согласно законската процедура до надлежните служби во Агенцијата, а не лично до директорот на Агенцијата, како што наведувате во прашањето. За повеќе детали како наредбите се спроведвуаат понатаму потребно е да се обратите до самата агенција“,
велат од Основниот кривичен суд Скопје на прашањата на „360 степени“: „Дали поради настанатата ситуацијата Основниот кривичен суд Скопје се соочува со проблеми во однос на издавањето наредби/налози за спроведување на посебната истражна мерка – следење на комуникации за кривични дела кои се во надлежност на Судот? Како ситуацијата во која ОТА е без директор влијае и може да влијае на издавањето наредби/налози за спроведување на посебната истражна мерка – следење на комуникации за актуелните и идни случаи/предмети?“

Врховен суд: ОТА има клучна улога, значајно е да се обезбеди континуитет
Од Врховниот суд, покрај одговорот дека од процедурален аспект не наидуваат на пречки во врска со наредбите за спроведување на ПИ-мерката следење на комуникации, даваат и кратко објаснување на улогата на ОТА во овој процес, укажувајќи на нејзината важност. Од Врховен, исто така, наведуваат дека е од суштинско значење обезбедувањето континуитет на работењето на Агенцијата од „сите аспекти“.
„Оперативно-техничката агенција како самостоен државен орган обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи за следење на комуникациите, во случаите кога со судска наредба е одобрено следење на комуникациите заради потребите на кривичните истраги или заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата. Оттука, Агенцијата има клучна улога во правно-безбедносниот систем на државата и од суштинско значење е обезбедувањето на континуитет на работењето од сите аспекти. Од аспект на издавањето наредби за спроведување на посебната истражна мерка – следење на комуникации за делата кои се во надлежност на Врховниот суд, Врховниот суд постапува во согласност со законот и без пречки од процедурален аспект“,
велат за „360 степени“ од Врховниот суд.

За континуитетот во работењето на ОТА од сите други аспекти, како што велат од Врховниот суд, прашавме и во Агенцијата.
Молк од ОТА
Прашањата што ги испративме до Агенцијата во врска со правниот вакуум што се создаде со истекувањето на мандатот на доскорашниот директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски, и фактот што сè уште не е избран негов наследник беа:
- Дали поради настанатата ситуацијата Оперативно-техничката агенција се соочува со проблеми во нејзиното функционирање и доколку е тоа случај, со какви?
- Како ситуацијата во која ОТА е без директор се одразува на спроведувањето на посебната истражна мерка – следење на комуникации, во однос на актуелните и идни простапки?
- Дали поради ваквата ситуација е нарушен контиунитетот во спроведувањето на посебната истражна мерка – следење на комуникациите?
Оттаму не добивме никаков одговор.
За споредба, ако претходно пред истекот на мандатот на Зоран Ангеловски, на прашањата за можните импликации од ваквата ситуација, од ОТА добивме одговор уште истиот ден, сега и по неколку дена не добивме повратен допис од Агенцијата.
Прашањата до ОТА ги испративме на 12 септември, а до објавувањето на овој текст оттаму не добивме никаков одговор, а залудни беа и нашите обиди телефонски да исконтактираме со Агенцијата на фиксниот телефонски број кој се наоѓа на нејзината официјална веб-страница.
Кој сега ја претставува ОТА, организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите во Агенцијата, кој донесува прописи во согласност со законот и врши други работи од надлежност на ОТА во согласност со законот, како што е описот на функцијата на директорот на Оперативно-техничката агенција срочен во членот 6 од Законот за ОТА, одговор засега нема.

Што кажа ексдиректорот на ОТА за „360 степени“
За правниот вакуум кој се создаде со истекот на мандатот на Ангеловски, објаснување даде самиот тој во одговорот на нашите барања за коментар што ги упативме до Агенцијата на 4 септември – три дена пред ОТА да остане без директор.
„Согласно Одлуката за избор на директор на Оперативно-техничката агенција – ОТА на Собранието на Република Северна Македонија (‘Службен весник на Република Македонија’ бр.166 од 07.09.2018 година) и член 4 став (4) од актуелниот текст на Законот за Оперативно-техничка агенција, мојот мандат како директор на ОТА завршува со 7.9.2023 година, без законски правен основ за продолжување на вршењето на функцијата до изборот на нов директор. Во однос на надлежностите за раководење со институцијата, сметам дека во овие околности, без завршена постапка за избор на нов директор на ОТА и без промена на Законот за ОТА од страна на Собранието на РСМ, не постои правен основ за пренос на овластување на друго лице кое по истекот на мојот мандат ќе ги извршува надлежностите на директор на ОТА, кои се стриктно утврдени со конкретни закони и други подзаконски правни акти. Тоа значи дека доколку ваквата ситуација остане непроменета, после 7 септември 2023 година ќе се создаде правен вакуум во раководењето со институцијата“,
ни одговори тогаш Ангеловски.

Тој, исто така, посочи дека иако формално-правно институацијата нема да престане да постои, сепак несомнено ќе се соочи со сериозни и бројни предизвици во извршувањето на своите надлежности и во работата на нејзините вработени.
„Оперативно-техничката агенција е основана како самостоен и независен државен орган од страна на Собранието на РСМ со конкретно утврдени законски надлежности и создавањето на правен вакуум во раководењето со истата кој би настанал во сегашните околности по 7 септември, несомнено ќе има импликации и негативно ќе се одрази во нејзиното функционирање. Освен можниот дисконтинуитет во функционирањето и доведувањето во прашање на правниот капацитет на институцијата, со сите ризици кои истите ги носат за целосното функционирање на системот за следење на комуникациите, тука се и остварувањето на правата на вработените во ОТА од работен однос и преземените обврски на Агенцијата поврзани со нејзиното функционирање согласно позитивните правни прописи, кои ќе предизвикаат негативни финансиски импликации на Буџетот на Република Северна Македонија, како и други прашања поврзани со надлежностите на ОТА, чие ненавремено и несоодветно адресирање може сериозно да ја нарушат перцепцијата и угледот на целокупниот безбедносен систем и на државата во целина. Во таа смисла, иако формално-правно институцијата нема да престане да постои, истата несомнено ќе се соочи со сериозни и бројни предизвици во остварувањето на нејзините надлежности како и при вршењето на работите од страна на вработените кои се поврзани со нејзиното секојдневно функционирање“,
вели Ангеловски во одговор на нашите прашања што ги испративме до ОТА на 4 септември.
Тој на 6 септември требаше да одржи прес-конференција пред Собранието, но неколку часа пред претходно најавениот термин за нејзино одржување, од Агенцијата соопштија дека таа се одложува на неопределено време „поради итни и неодложни работи“.
Ден претходно, Собранието во рамките на 125. пленарна седница, со двотретинско мнозинство, кое не беше неопходно во конкретниот случај, со 83 гласа „за“, ниту еден „против“ и „воздржан“, го изгласа предлогот за објавување оглас за нов директор на ОТА, што до Собранието го поднесоа пратеничката на СДСМ, Марија Костадинова, и нејзиниот колега од владејачкото мнозинство и координатор на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми.
Пораката од ЕУ
Обезбедување на неопходните услови за континуитет во работењето во Оперативно-техничката агенција од властите побараа и од Делегацијата на Европската Унија во земјава.
„Оперативно-техничката агенција има одговорност за следење на комуникацијата со овластување од суд во кривична постапка или во интерес на безбедноста и одбраната на државата. Како таква врши важна функција. Затоа очекуваме властите да ги обезбедат неопходните услови за континуитет на нејзиното работење“,
рекоа на 5 септември од Делегацијата на ЕУ на прашање на „360 степени“ за став во врска со настанатата ситуација во ОТА.
Драматичната ситуација во која се најде ОТА имаше свој прелудиум неколку месеци претходно, кога Собранието преку законски измени кои ги иницираа пратениците од власта и опозицијата почна постапка за измена на Законот за Агенцијата во насока на продолжување на мандатот на доскорашниот директор Ангеловски до избор на негов наследник.
Имено, како што веќе објавивме на 10 мај годинава, на 115. пленарна седница на Собранието, дојде предлог на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, Игор Јанушев, и на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, по скратена постапка да се донесат измени на Законот за ОТА. Тие предвидуваа мандатот на директорот да трае пет години или до изборот на нов директор (за да се обезбеди континуитет во функционирањето).
Потребата од носење на измените и дополнувањата по скратена постапка беа изгласани со двотретинско мнозинство – „за“ гласале 84 пратеници, „против“ биле двајца, а воздржани немало. Откако собранискиот спикер констатирал дека предлогот е усвоен, ги задолжил Комисијата за одбрана и безбедност, како матично тело, и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот во рамките на собраниската процедура.
Но, што се случило потоа, останува мистерија, бидејќи предложените измени не се вратени повторно на пленарна седница и не се изгласани.
Оперативно-техничката агенција (ОТА) како самостоен и независен државен орган беше формирана по реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, односно поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) по скандалот со масовното прислушување и Извештајот на експертската група на Европската комисија (ЕК) на чело со Рајнхард Прибе.
Со серија законски измени што ги уредуваа овие прашања и за кои беше потребно двотретинско мнозинство, УБК доби свој наследник во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која задржа (голем) дел од надлежностите, додека ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување преминаа во ОТА.
Инаку, според огласот кој го објави Собранието, а кој заврши вчера, за директор на ОТА може да биде избрано лице кое е државјанин на Република Северна Македонија, има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно VII/1 степен на образование во областите информатика, електротехника, компјутерска техника и информатика, телекомуникациско инженерство, безбедност, компјутерска безбедност, правни или економски науки. Исто така, се бара и минимум десетгодишно работно искуство во овие области по завршеното образование.
Ангеловски, како прв директор на ОТА, на функцијата беше избран на 7 септември 2018 година со двотретинско мнозинство во Собранието, откако власта и опозицијата постигнаа договор за името од пристигнатите вкупно 14 кандидатури.