Веќе следната година, според проекциите на ММФ, се очекува забрзан раст на глобалната економија од околу 5,7 проценти, како и забрзување и закрепнување и на македонската економија, вели гувернерката
Клучно е здравствената корона-криза, во глобални рамки, да стивне до средината на годината, за потоа да се олабават мерките за заштита и економијата постепено да почне да се враќа во нормала. Мошне е важно шокот предизвикан од појавата на коронавирусот да трае што пократко за да нема поголеми негативни ефекти врз билансите и на фирмите и на финансискиот сектор. Веќе следната година, според проекциите на ММФ, се очекува забрзан раст на глобалната економија од околу 5,7 проценти, како и забрзување и закрепнување и на македонската економија.
Ова го истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Гласот на Америка, по повод учеството на пролетните средби на ММФ и Светската банка, што годинава се одржуваат електронски, соопшти Народната банка.
-->„Шокот од пандемијата, годинава ќе се одрази со пад на активноста на сите економии. Но притоа, според очекувањата на ММФ, кај економиите во развој и брзорастечките економии, меѓу кои е и нашата, падот ќе биде помал во споредба со оној кај развиените економии“,
нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката се осврнала и на добиената финансиска поддршка од ММФ, преку инструментот за брзо финансирање, при што кажа дека таа ќе придонесе и за зголемување на девизните резерви.
„Добиената финансиска поддршка од ММФ претставува и потврда за стабилноста на фундаментите на нашата економија. Таа е и помошна алатка за добивање други типови финансиска помош, вклучително и преку инструменти на Европската унија“,
посочи Бежоска.
Таа нагласи дека граѓаните треба да бидат спокојни и дека не треба да постои никаква загриженост за домашната валута.
„Како што со години наназад е стабилен, така и отсега натаму денарот ќе биде стабилен. Потврда за тоа се и инструментите што централната банка ги има на располагање доколку е потребно да се употребат во функција на задржување на стабилноста на денарот. Еден од клучните инструменти, секако, е високото ниво на девизните резерви од околу три милијарди евра, што и самото по себе е гаранција за стабилноста на домашната валута“,
рече гувернерката.
