Од ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение обвинуваат дека на Онкологија функционирала организирана мафија и оти директорот, министерот за здравство и премиерот Димитар Ковачевски се директно одговорни. Од СДСМ, пак, одговорија дека истрагата за грозоморниот случај на Онкологија ја водат надлежни институции и оти ВМРО-ДПМНЕ само ја попречува истата

Случајот со Клиниката за онкологија, кој веќе неколку дена е актуелен во јавноста по пишувањата на одредени медиуми дека се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор и денеска продолжува да биде дел од партиските пресметки меѓу власта и опозицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение обвинуваат дека на Онкологија функционирала организирана мафија и оти директорот, министерот за здравство и премиерот Димитар Ковачевски се директно одговорни.
„Невозможно е да се случува кражба на цитостатици од масовни размери на Онкологија, а министерот и Ковачевски да не знаат. 20 милиони евра е акумулираниот долг на Клиниката, а никој не се запрашал зошто? Самиот факт што никој од Онкологија не е во притвор говори дека власта го забошотува случајот“,
се вели во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Со СДС и ДУИ, велат од опозициската партија, нема правда ниту за Онкологија ниту за десетиците други случаи, потребни се промени, за рестарт на системот, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Одговор на овие обвинувања стигна и од седиштето на СДСМ на Бихаќска.
Оттаму велат дека истрагата за грозоморниот случај на Онкологија ја водат надлежни институции и оти ВМРО-ДПМНЕ само ја попречува истата.
„Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, за прв пат во 20 години влегоа на Онкологија и започна расчистување. ДПМНЕ падна толку ниско што злоупотребува болни, а со своето дејствување се обидува да ѝ наштети на целата постапка. Истрагата не смее да биде предмет на политички манипулации, но толкав е капацитетот на ДПМНЕ. Наместо да ја поздрави истрагата, само попречува, со обиди да ја политизира и да ја меша со непостоечка надлежност“,
велат од СДСМ во денешното партиско соопштение.
Тоа, додаваат од СДСМ, потврдува дека Мицкоски стравува што ќе покаже истрагата, за сè што се правело на Онкологија со грозоморната шема воспоставена пред многу години.
Неформалната организација „Протест против убиството на Онкологија“ попладнево преку објава на социјалната мрежа Фејсбук ги повика граѓаните да излезат на нов, втор по ред протест во врска со случувањата на Клиниката за онкологија.
Протестот, како што се наведува во објавата, е закажан за 18 часот пред зградата на Владата.
На претходниот протест, кој се одржа на 4 септември пред Владата и Јавното обвинителство, беше поставен ултиматум до властите за една недела да излезат со информации за случувањата на Онкологија, истовремено најавувајќи дека за една недела повторно ќе излезат на улиците.
Покрај најавата за протест, од организацијата прашуваат и дали поранешна директорка на Клиниката за онкологија е дел од шемата за крадење лекови и бараат од Основното јавно обвинителство и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да обзнанат дали воопшто истрагата за поранешната директорка резултирала со судска пресуда, како и да се отвори истрага за наводите кои стигнале до нив.
