Според податоците од денешната статистика на Министерството за здравство, новодијагностициран е втор случај на ковид-19 од Кичево. Но, и ова лице, како и првозаболениот, не бил присутен во својот град неколку недели.
„360 Степени“ дознава дека станува збор за 19 – годишно момче кое боледувало од бронхопневмонија и бил хоспитализран во Охрид. Таму му е направен тест на ковид-19, но резултатот бил негативен.
*Поврзана вест: МЗ: Денеска нови 107 заразени, вкупната бројка се искачи на 1 081
По компликации на неговата состојба со бронхопневмонијата, тој е префрлен во градската болница „8 Септември“ во Скопје. На тестот којшто му е направен во Скопје се покажал како позитивен на ковид-19. Засега, нема официјална информација како овој пациент се заразил со коронавирусот.
Пред два дена од Кичево беше регистриран првиот случај на заболен со ковид-19, но лицето допатувало од странство и веднаш бил сместен во задолжителен државен карантин.
Откако се пожалил на тегоби и кашлица бил тестиран и му бил потврден ковид-19, по што тој останува во контролирана изолација.
До овој момент, Кичево останува едно од ретките места во земјава кадешто внатре нема потврден и активен заболен со коронавирус.
Според денешните податоци од Министерството за здравство во последниве 24 часа регистрирани се 107 случаи на ковид-19 и со тоа вкупната бројка на дијагностицирани со коронавирус во земјава се искачи на 1081 пациенти.
Во изминатото деноноќие направени се 660 теста, а досега во земјата се направени вкупно 10 422 тестирања на ковид-19.
*Поврзана вест: Маж од Струшко почина на Инфективна, 23 пациенти се излечија
На Инфективната клиника во Скопје примени се 11 нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани 62 пациенти. Вкупно 18 пациенти се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка, а пет пациенти се на механичка вентилација.
Во градската болница „8 Септември“ примени се 11 нови пациенти и во моментов во оваа болница се лекуваат 38 пациенти со ковид-19. Во потешка состојба се осум пациенти, а шест се на респираторна машина шест.