Министерот истакна дека посебен тим од полиција работи во координација со Обвинителството, направен е целосен план и интензивно се работи на прибирање информации
Нема збор што може да го опише тоа што се случува на Онкологија. Се изгубила човечката димензија и ова се состојби кои во континуитет траеле подолг временски период. Колку и да е лошо и колку да боли, ова мора да се истера до крај и мора да се анализираат сите аргументи, изјави за „Клик плус“ на ТВ 21 министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој рече дека не може да открие детали, но го оцени случајот како злосторство.
„Вие знаете дека имаше неколкупати јавни написи, имаше одредени пријави кои беа доставувани до Министерството и до Обвинителството, и тоа беше причината да се преземат дејствија. Колку и да е лошо и колку да боли, ова мора да се истера до крај и мора да се анализираат сите аргументи. Наодите кои беа објавени, информациите кои се собрани од МВР бараа да се одземат соодветни електронски уреди, да се одземат одредени материјали од клиниката за онкологија, кои преку анализата ќе можат да бидат дел од доказите“,
посочи Спасовски.
Министерот истакна дека посебен тим од полиција работи во координација со Обвинителството, направен е целосен план и интензивно се работи на прибирање на информации.
„За конкретноста на информациите не можеме да откриеме сега, не смее на никој начин да се влијае на постапката, со цел да не се наруши еден дел од доказната постапка која ја имаме. Постојат постапки и процедури, бројот на лица во истрагата е поголем и не можам да излезам со бројки. Виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени. За ваков чин, вакво злосторство, ваква нехуманост од кого било, нема да има никаква толеранција“,
рече Спасовски.
Низата наводи за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак на Клиниката на онкологија кои деновиве ја брануваа јавноста, а за кои МВР и Обвинителството отворија предистрага, претседателот Стево Пендаровски ги оцени како фрапантни и згрозувачки.
Во писмената реакција, која е објавена денеска на веб-страницата на претседателот, Пендаровски вели дека е крајно време, наместо декларативно, системот да потврди дека може да се справи и во пракса со тешките облици на организиран криминал и корупција и да се прекине културата на неказнивост и прекршување на законите.
Во врска со случувањата на Онкологија, за денеска е најавен протест, но имиња на организаторите не се наведени, а во делот како организатор на настанот е наведена фејсбук-страница со име „Протест против убиството на онкологија“ која на социјалните мрежи е активна од вчера. Почетокот е закажан во 18 часот пред Владата, од каде што се предвидува демонстрантите да се упатат кон Министерството за здравство.
Неделникот „Фокус“ минатиот период објави серија текстови за постоење разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање на скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката. Во системот, според пишувањата на неделникот, се внесувале фиктивни пациенти, а на дел од вистинските пациенти им се давала половична терапија и на тој начин скапата биолошка терапија завршувала на црниот пазар.
По ваквите информации, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предистрага и во петокот попладне влезе во Клиниката. Како што соопштија, претреси биле направени и во два приватни стана во Скопје, а биле одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои понатаму ќе се анализираат и вештачат.
Премиерот Димитар Ковачевски, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити и неговата заменичка Маја Манолева изразија целосна поддршка за истрагата. Ковачевски повика да не се прави сензационализам и рече дека ваквиот криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја прозива Владата и вели дека ваквиот криминал не бил можен без знаење на власта и раководството на Клиниката.
*Поврзани вести:
- ОЈО Скопје и полицијата ја „тресат“ Клиниката за онкологија: Се прибираат докази во рамки на предистражна постапка
- Обвинителство: Одземени се компјутери и друга документација од Клиниката за онкологија и приватни станови во Скопје
- Меџити очекува брза истрага по наводите за злоупотреби на Клиниката за онкологија
- Бесрамен и криминален начин на заработка врз грбот на пациентите, вели заменик-министерката Манолева за случајот со Онкологија
- Лекарската комора за Онкологија: Ниту еден пациент не заслужува злоупотреба на терапијата за лична корист
- ВМРО-ДПМНЕ: Бизнисот со лекови на Онкологија бил возможен само со знаење на високи структури во клиниката и во власта
- Ковачевски за Онкологија: Ваквиот тип на криминал е мултипартиски и мултиетнички