Димитриевски се тестирал пред три дена, во рамките на редовните тестирања што им се правеле на членовите на општинскиот кризен штаб, и тој е еден од десеттемина членови на штабот што имаат позитивен тест
Премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите Венко Филипче и Арбер Адеми, кои вчера беа во посета на Куманово, не знаеле дека градоначалникот Максим Димитриевски се тестирал за коронавирус, вели владин извор за „360 степени“. Градоначалникот денеска доби позитивен резултат на тестот, а Владата соопшти дека Спасовски и министрите поради тоа одат во самоизолација.
Како што дознаваме, Димитриевски се тестирал пред три дена, во рамките на редовните тестирања што се правеле на членовите на општинскиот кризен штаб. Тој е еден од десеттемина членови на штабот што имале позитивен тест. Го побаравме и Димитриевски за да појасни дали имал симптоми на вирусот, дали им соопштил на владините претставници дека се тестирал и зошто одржал прес-конференција за медиумите (без маска) додека чека резултати од тестирањето. До објавувањето на текстот, не добивме став од Димитриевски.

Дел од новинарите што присуствуваа на вчерашната прес-конференција за „360 степени“ велат дека градоначалникот носел маска за време на состанокот со владините претставници, но ја тргнал пред да се обрати на прес-конференцијата. По завршувањето на настанот, тие ги собрале микрофоните и се вратиле во редакциите, а информацијата дека се тестирал и е позитивен на коронавирусот ја слушнале денеска.

Освен Димитриевски, без маска зборуваше и премиерот Оливер Спасовски.

Во Куманово од локалниот Центар за јавно здравје се анализираат контактите на градоначалникот Димитриевски и во текот на денот ќе се утврди кои лица ќе треба да останат во 14-дневна изолација.
Во Скопје, пак, од Институтот за јавно здравје се прават анкети со членовите на Владата, кои беа присутни на состанокот, по што ќе биде дадена епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување.
Инаку, на вчерашниот состанок во Куманово, градоначалникот Димитриевски инсистирал територијата на општината да се стави во 14-дневен карантин. Премиерот Спасовски кажа дека во Куманово не може да се преземат истите мерки како во Дебар и Центар Жупа, поради бројот на жителите во општината, како и организациската поставеност на градот. Претходно, министерот за здравство Венко Филипче, по повеќе прозивки, кажа дека – кога и кој град ќе се изолира, зависи исклучиво од проценките на епидемиолозите и дека во Куманово новозаразените се примарни контакти и се контролираат.
*поврзана вест: МЗ: Денеска нови 107 заразени, вкупната бројка се искачи на 1 081