Рускиот истражен комитет соопшти дека идентитетот на десетте лица кои загинаа во авионската несреќа е утврден и одговара со оние на листата на патници на летот. Покрај Пригожин, меѓу жртвите има уште неколку членови на воената платеничка група „Вагнер“
Шефот на руската платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, е еден од загинатите во авионската несреќа што се случи на 23 август во Русија, потврди генетската анализа што ја објавија руските истражители.

Рускиот истражен комитет, кого го цитира Би-би-си, соопшти дека идентитетот на десетте лица кои загинаа во авионската несреќа е утврден и одговара со оние на листата на патници на летот.
„Во рамки на истрагата за авионската несреќа е завршено молекуларно-генетското тестирање. Според резултатите, идентитетите на сите 10 починати се утврдени и тие одговараат на оние кои беа наведени на листата на патници во авионот“,
соопшти Истражниот комитет на Русија.
Рускиот истражен комитет наведе дека ќе ја продолжи истрагата околу авионската несреќа.
Претходно оваа недела, Руската воздухопловна агенција ги објави имињата на десетте лица во приватниот авион што се урна северозападно од Москва, а меѓу нив се најде и името на водачот на платеничката група „Вагнер“. Покрај Пригожин, меѓу жртвите има уште неколку членови на воената платеничка група.
Авионската несреќа се случи два месеци откако Пригожин го предводеше бунтот на „Вагнер“ против руските вооружени сили – потег кој рускиот претседател Владимир Путин го опиша како „предавство“.
Авионот кој се урна во регионот Твер, додека летал од Москва кон Санкт Петербург предизвика бројни шпекулации околу причините за неговиот пад.
Кремљ демантираше дека е виновен за авионската несреќа, а рускиот претседател во видеообраќање до јавноста, еден ден по несреќата, изрази сочувство до семејствата на загинатите, а шефот на „Вагнер“ го опиша како „талентиран бизнисмен“, но, и како „човек со тешка судбина кој правел големи грешки во животот“.