Поради контакт со кумановскиот градоначалник, кој е позитивен на ковид-19, техничкиот премиер Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче и вицепремиерот Бујар Османи денеска не присуствуваа на седницата на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.

Од кабинетот на претседателот информираа дека присутни се останатите редовни членови на Советот, како собранискиот претседател Талат Џафери, министрите за внатрешни и надворешни работи Наќе Чулев и Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и професорите Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.

Спасовски, Филипче и Османи не дојдоа на седницата, бидејќи вчера имаа средба со кумановскиот кризен штаб и раководството на кумановската болница, а денеска градоначалникот Максим Димитриевски информираше дека е позитивен на ковид-19.
Османи на својот профил на Фејсбук информираше дека оди во самоизолација до вторник, кога вели се очекува да биде тестиран за коронавирусот.
За „360 степени“, Османи објасни дека по веста за кумановскиот градоначалник требало брзо да донесе одлука дали да оди на седницата на Советот за безбедност, па се консултирал со епидемиологот Караџовски од Институтот за јавно здравје.
Поврзана вест:
Премиерот Спасовски и министрите Филипче, Османи и Адеми одат во изолација?