Османи за „360 степени“ изјави дека по веста дека кумановскиот градоначалник е болен од ковид-19, требало брзо да донесе одлука дали да оди на седницата на Советот за безбедност, па се консултирал со епидемиологот Караџовски од Институтот за јавно здравје
По позитивниот тест за ковид-19 на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, вицепремиерот Бујар Османи, кој вчера со премиерот Оливер Спасовски и министрите Арбер Адеми и Венко Филипче, беше на средба со Општинскиот кризен штаб на Куманово, информира дека оди во самоизолација.
„Иако бев со маска и ракавици, кои според епидемиолозите се доволна заштита, решив да не одам на состанокот на Советот за безбедност кај претседателот и да се изолирам до вторник, кога треба да се направи тестирање според протоколите. На градоначалникот на Куманово и на сите заболени граѓани им посакувам брзо закрепнување“,
напиша Османи на Фејсбук.
Османи за „360 степени“ објасни дека оваа временска рамка на самоизолација ја одредил по насока на епидемиолог од Институтот за јавно здравје.
„Седницата беше во 12 часот и требаше да донесам одлука дали да одам. Дополнително се слушнав и со д-р Караџовски“,
вели Османи.
Според информациите на „360 степени“, на средбата кај Пендаровски не присуствуваат ниту министерот за здравство Венко Филипче ниту техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Поврзани вести:
Премиерот Спасовски и министрите Филипче, Османи и Адеми одат во изолација?