Не сме против ЕУ, не сме против Бугарија, меѓутоа членот 8 од Лисабонскиот договор повикува на реципроцитет во меѓународните договори. Бугарија е потписник и ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. Бугарија има Совет за малцинства, а таму ги нема Македонците, рече пратеничката Силјановска-Давкова
Наметнатите уставни измени не одат рака под рака со европската демократија, ЕУ за да биде заедница мора да ги почитува европските вредности, истакна независната пратеничка Гордана Силјановска-Давкова на денешната седница на која единствена точка е пристапивањето кон измените на Уставот на РСМ.
„Лажна е тезата за дилемата за запад или исток, дилемата е дали Македонија ќе биде сѐ што имаме или сѐ што немаме, дали ќе бидеме пристојна мала држава или ќе бидеме протекторат. Никогаш и никаде Преамбулата не била гаранција или место за промоција на етнички идентитети, туку е филозофијата на Уставот. Устав не се менува во последна година од мандат. Сега од еден ренесансен министер слушаме дека процесот можел да заврши до крајот на мандатот, до последниот пратенички крик. Прашањето е од кого ни извира легитимитетот, од ЕУ или од граѓаните? Што велат граѓаните? Каде е мандатот за оваа измена? Член 2 став 2 од Уставот вели дека суверенитет извира и им припаѓа на граѓаните. Треба ли да ги прашаме граѓаните“,
праша Силјановска-Давкова која пред своето обраќање истакна дека ќе ги презентира ставовите на пратеничката група, кои се ставови не само на партијата ВМРО-ДПМНЕ, туку и на Социјалистичката партија, Демократската партија на Србите, но и нејзини лични.
Силјановска-Давкова нагласи дека она што се бара од Македонија е спротивно на европските вредности.
„Во ниту еден годишен извештај досега нема забелешка за отсуството на Бугарите од Уставот, Бугарија и кога не признаваше, немаше забелешка за ова. Не е Преамбулата од таква важност, туку нормативниот текст. Не сме против ЕУ, не сме против Бугарија, меѓутоа членот 8 од Лисабонскиот договор повикува на реципроцитет во меѓународните договори. Бугарија е потписник и ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. Бугарија има Совет за малцинства, а таму ги нема Македонците. Значи мора да ги има!“,
рече таа.
Силјановска-Давкова има забелешка на сите три амандмани за промена на Уставот бидејќи, како што рече, лаички е пристапот.
„Дури и насловот е погрешен. Образложението е катастрофа. Не може именик да правиме од Преамбулата. Важна е суштината. Ама најважни се Копенхашките критериуми да ги примениме. Не смее патот за Брисел да води преку Софија“,
укажа пратеничката.
Таа истакна дека пратениците како претставници на граѓаните ќе гласаат по сопствено убедување и нема да ги поддржат уставните измени.
„Камбаните овој пат бијат за Македонија и крајно време е да покажеме дека сме пристојна европска држава која сака на патот кон ЕУ да оди исто како сите сегашни членки. Не смее да има посебни критериуми и преседани за нас. Затоа мислам дека овој предлог не треба да се поддржи, туку треба да се прашаат граѓаните на избори, бидејќи оваа власт е целосно делегитимирана“,
заклучи Силјановска Давкова.