„Андоновски склучува три нови милионски договори со фирмата ‘Нома систем солушнс‘, подружница во Скопје. Клучно прашање е кој стои зад оваа фирма? Ккао управител на фирмата се јавува извесен Владимир Симовски. Истиот тој Владимир Симовски е поранешен директен бизнис партнер и косопственик со Мартин Клинчаров, сопругот на државната секретарка, во фирмата ‘СВАГ ФУД ДОО Скопје‘“, вели Фрчкоски
Нова „бомба“ денеска објавија од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) во врска со тендерите во Министерството за дигитална трансформација, со кое раководи Стефан Андоновски, а кои, според партијата, се поврзани со сопругот на државната секретарка во министерството.

На денешната прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ Јон Фрчкоски, соопшти дека фирма, за која наведе дека е поврзана со сопругот на државната секретарка во Министерството за дигитална трансформација Гордана Клинчарова, добила три договори во вкупна вредност од 1,5 милиони евра.
Според него, договорите се однесуваат за одржување на Системот за управување со документи, софтвер за регистар на имот и софтвер на испити.
„Ова е продолжение на скандалот кој веќе го објавивме. Тоа се тендерите на фирмата ‘Матео Дизајн‘ на сопругот на државната секретарка, Клинчарова, Мартин Клинчаров, вредни 50 илјади евра. ДКСК застана, ама АТК не застанува, затоа што тендерите во Министерството за дигитална трансформација не застануваат. Денеска обелоденуваме како оваа семејно-тендерска мрежа не само што продолжила, туку драматично се покачила во вредност, во пари“,
рече Фрчкоски.
Според нивните наоди, како што кажа Фрчкоски, директното доделување на државни средства кон сопругот на Клинчарова станало поразлично по отварањето на првиот случај, со што, додаде, дека сега е воспоставен поинаков начин на доделување на договорите.
„Андоновски склучува три нови милионски договори со фирмата ‘Нома систем солушнс‘, подружница во Скопје. Клучно прашање е кој стои зад оваа фирма? Ккао управител на фирмата се јавува извесен Владимир Симовски. Истиот тој Владимир Симовски е поранешен директен бизнис партнер и косопственик со Мартин Клинчаров, сопругот на државната секретарка, во фирмата ‘СВАГ ФУД ДОО Скопје‘“,
вели тој.
Дополнително, Фрчкоски тврди и дека сопственички удел во „Нома систем солушнс“ има и фирмата „Матео Дизајн“, која е во сопственост на Мартин Клинчаров.
Овие поврзаности, вели дека отвараат сомнеж за продолжување на семејно-тендерската мрежа и за насочување на државни средства кон лица блиски до функционери.
„Нема криење од АКТ, нема бегање од одговорност. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата. Откако се уште не го затворивте првичниот предмет, кој го отоворивте пред повеќе од една година, еве ви идеална прилика истиот да го дополните со овие факти и докази. Бараме итно проширување на истрагата и следење на секој денар кој се слева на сметките на овие поврзани субјекти“,
рече членот на Извршниот одбор на СДСМ.
Побара одговорност и оставка од министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оценувајќи дека министерството со кое раководи функционира како затворен семејно-деловен круг.
„Граѓаните не очекуваат извинувања, туку итна оставка и одговорност. А, одговорност ќе има“,
кажа Фрчкоски.
Во продолжение се документите што Фрчкоски ги објави на прес-конференцијата, а се поврзани со случајот за кој зборува:
Минатата година во март, СДСМ објавија договори што биле склучени меѓу Министерството за дигитална трансформација и фирма од Скопје.
Оттаму посочија дека договори се склучени помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Друштвото за производство, трговија, промет и услуги „Матео дизајн“ од Скопје застапувано од управителот Мартин Клинчаров – сопруг на државната секретарка Гордана Клинчарова.
Од ДКСК објавија дека ќе утврдуваат дали има судир на интереси во овој случај што беше поздравено од кабинетот на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
