Вицепремиерот Артан Груби денеска порача дека треба да се почитуваат државните институции, сите законски обврски, како и знамето и химната

фото: принтскрин
Првиот вицепремиер Артан Груби смета дека градоначалниците на Чаир и Тетово, Висар Ганиу и Биљал Касами, ја злоупотребиле посетата на косовскиот премиер Албин Курти за нивна политичко-партиска дневна агенда.
„Посетата на премиерот Курти е секако добредојдена. Тој доаѓа многу често во Македонија, да не речам, пречесто, но доаѓа на многу настани. Ова беа локални настани организирани од две општини и одговорноста за организацијата е на тие две општини. Мислам дека е поминато времето на фолклоризмот во нашата земја и граѓаните ценат работи, проекти и реализација, а не фолклоризам и провиден патриотизам кој беше промовиран од тие кои го поканија Курти и се обидоа да го злоупотребат за нивна политичко-партиска дневна агенда за да придобијат некој поен, но очигледно дека не придобија“,
изјави Груби на „Саемот за вработување“ во организација на конзорциумот „Бехтел и Енка“ кој ги гради коридорите 8 и 10-д.
Груби порача дека треба да се почитуваат државните институции, сите законски обврски, како и знамето и химната.
„Се виде дека името на улицата не е сменето од општината, туку од Градот Скопје и Владата. И патот Тетово–Призрен не може да го прави Општина Тетово, туку нашата влада со владата на Косово. Секако дека треба да ги почитуваме институциите во нашата земја, треба да ги почитуваме знамето и химната и сите законски обврски што ги имаме во било која од организациите. Сметам дека театарот што сега се приредува е апсолутно непотребен. Во недостиг на проекти, идеи и реализација, им треба да прибегнуваат кон некој лажен фолклорен патриотизам кој во 2023 година е апсолутно непотребен зашто сите гледаме што ни треба, а тоа е да имаме проекти и реализација. Во недостиг на ова, прибегнуваме кон национален фолклорен протагонизам“,
смета Груби.
Инаку, Ганиу и Касами добија прекршочни пријави за непочитување на државните симболи при посетата на косовскиот премиер Курти во Чаир и Тетово. Неофицијалната посета се одржа во петокот. Во Општина Чаир, Курти присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија, како и знаме со картата на т.н. „голема Албанија“. Во Тетово, Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити. Ова силно ја разбранува јавноста, а власта и опозицијата со денови се расправаа чија е одговорноста за случувањата во Чаир и во Тетово.