Според Касами, посетата на косовскиот премиер Курти е позитивна и ги раздвижила работите, па затоа од ДУИ инсистирале за денешната средба на Али Ахмети со косовски министер со кого било разговарано за изградба на патот Тетово – Призрен

Лидерот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами, ги нарече неразумни прекршочните пријави за него поради пречекот на косовскиот премиер Албин Курти. Според Касами, иконографија како таа на концертот имало и претходно, но никој не бил казнет.
„Откако ми пратија покана да се пријавам во полиција, десетици пријатели и активисти ми пратија десетина видеа каде има иста иконографија и никому не му отиде на памет да повика некого и да казни. Се надевам дека вакви случаи нема да се повторат затоа што ваква иконографија не е првпат. Цениме дека се неразумни сите повици за линчување и казнување на организаторите на тој настан“,
рече Касами на прес-конференција од партиското седиште.

фото: фејсбук-профил на Биљал Касами
Според него, посетата на косовскиот премиер Курти е позитивна и ги раздвижила работите, па затоа од ДУИ инсистирале за денешната средба на Али Ахмети со косовски министер со кого било разговарано за изградба на патот Тетово – Призрен.
„Затоа треба да нè пофалат, а не, бараат да бидеме казнети. Поинаку нема да го коментирам. Ако посетата на премиерот на Косово беше погрешна во Тетово и во Вејце, тогаш не знам зошто требаше Али Ахмети да го повика министерот за транспорт на Косово за да разговараат за реализација на истиот проект. Посетата ги даде резултатите, ние сме среќни дека ги даде тие резултати и ние ги охрабруваме властите во Северна Македонија на овој проект. Затоа што овој проект е повеќе во интерес на граѓаните на Северна Македонија отколку на граѓаните на Косово. Затоа што со тоа ќе добијат многу пократок пат до море. Знаеме дека морето е богатство и ние мораме да најдеме што пократки патишта да дојдеме до море за економски и општествен развој“,
додаде Касами.
Касами порача дека се подготвени да одат на избори и ги повика и останатите партии.
„Увидувајќи дека опозицијата албанска се окрупнува, тоа што беше цело време повик на Али Ахмети, дајте окрупнете се, па да излеземе на избори. Ние сме тука, веќе се окрупнуваме и бујрум на избори“,
додаде Касами.
Околу минатонеделната посета на косовскиот премиер, денеска изјава за порталот „Индекс.мк“ има и Амбасадата на САД во Скопје, од каде што велат дека не гледаат за неопходно да ја коментираат посетата на премиерот на Косово, Албин Курти, на Скопје и Тетово пред неколку дена бидејќи, како што велат оттаму, „настаните ги видовме како бескорисни“.
Министерството за внатрешни работи вчера информира дека се поднесени барања за поведување постапка против правните лица Општина Чаир и Општина Тетово и одговорните лица во овие правни лица, градоначалниците на овие општини Висар Ганиу и Биљал Касами.
Според МВР, за време на посетата на Курти во Чаир и Тетово, не се почитувал Законот за употреба на грбот, знамето и химната.
Според градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, пријавите се резултат на политичко влијание. Касами, пак, вчера на Фејсбук напиша дека комунизмот не е мртов и дека, според него, во живот го одржуваат властите заедно со Али Ахмети и Арбен Таравари.
Со став околу прекршочните пријави за Ганиу и Касами, вчера излезе и лидерот на новата партија Демократско движење, Изет Меџити, кој смета дека прекршочните пријави за градоначалниците на Чаир и на Тетово се сталинистички метод. Тој за потегот на Министерството за внатрешни работи вели дека е под влијание и притисок на српската антиалбанска политика.
Вчера реагираше и политичката партија Алтернатива, од каде што велат дека покрај Ганиу, во полиција бил повикан и тетовскиот градоначалник Касами. Од партијата посочуваат дека градоначалниците се повикани во полиција поради иконографијата за време на посетата на Курти. Ова, како што наведуваат, за нив е факт дека оваа власт оди кон бездна.
Инаку, во петокот косовскиот премиер Албин Курти беше во неофицијална посета на земјава. Во Општина Чаир присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија, како и знаме со картата на т.н. „голема Албанија“. Во Тетово, Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити.
Посетата предизвика лавина реакции во јавноста, а тоа наиде на осуда од страна на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот Стево Пендаровски.
