Од СДСМ велат дека наместо да работат на решавање на проблемите на граѓаните, коалицијата на Мицкоски и Касами во Тетово промовира поделби, национализам, провокации и создаваат тензии
Христијан Мицкоски со денови молчи, нема осуда за настаните и провокациите што се случија во петокот во Тетово, обвинуваат од владејачкиот СДСМ. Посочуваат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, не кажал ниту збор за тоа што на настанот организиран во чест на косовскиот премиер Албин Курти немало државно знаме, ниту се интонирала државната химна.
„Молчи Мицкоски и за провокациите. Наместо осуда, Мицкоски се стави во одбрана на Касами, неговиот коалициски партнер, кој беше организатор на настанот. Касами, токму со гласовите и поддршката на ДПМНЕ стана на градоначалник на Тетово, заедно држеа прес-конференции токму овде во општинската зграда. Касами и Мицкоски заедно се обидуваа да ја урнат Владата, а нивната соработка продолжува и ден-денеска и во Советот на Тетово и во македонското Собрание“,
рече Марија Костовска-Наумовска од ОО на СДСМ, Тетово.
Од СДСМ велат дека наместо да работат на решавање на проблемите на граѓаните, коалицијата на Мицкоски и Касами во Тетово промовира поделби, национализам, провокации и создаваат тензии.
„Очигледно ова е ‘духот на коалицискиот договор’ за кој зборуваа Мицкоски и Касами. Но и Мицкоски и Касами треба да знаат дека времето на национализам, на тензии е одамна завршено, граѓаните нема да дозволат нови поделби онакви какви што ДПМНЕ 11 години ги правеше“,
порача Костовска-Наумовска.
На ова одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека СДСМ и сто пати да праша каде е Мицкоски да одговори, нема да го смени фактот што Димитар Ковачевски лично гласал за промена на името на улицата во Чаир.
„Ковачевски е причината без која немало да има промена на улицата во Чаир. Ковачевски и СДС заедно со ДУИ ја причинија промената на името на улицата во Чаир. СДС не може да избегне од одговорност. Во однос на квазипатриотизмот кој неумешно се обидува да го проектира Ковачевски, на сите им јасно дека тој е човекот кој ги прави сите поделби. За ден повеќе власт Ковачевски прави секојдневни отстапки“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во петокот косовскиот премиер Албин Курти беше во неофицијална посета на земјава. Во Општина Чаир присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија, како и знаме со картата на т.н. „голема Албанија“. Во Тетово, Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити.