По итната операција на пациент минатиот петок, во самоизолација се наоѓаат четири здравствени работници, а една медицинска сестра е позитивна. Вториот новодијагностициран е инфектолог
Еден инфектолог и една медицинска сестра од хируршка сала на Одделението за ортопедија се позитивни на коронавирус, со што бројката на заразени здравствени работници во штипската Клиничка болница сега изнесува шест, информира директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев, на денешната прес-конференција.
По итната операција на пациент минатиот петок, во самоизолација се наоѓаат четири здравствени работници, а една медицинска сестра е позитивна.
Директорот Ѓеорѓијев рече дека се спроведени епидемиолошки анкети со вработените во овој оддел, по што од страна на болницата се преземени мерки.
Ѓеорѓијев очекува деновиве очекува работата на Инфективното одделение да се нормализира, со враќање на 10 здравствени работници.
„На работа се враќаат осум медицински сестри, еден инфектолог и една болничарка кај кои и двата теста покажаа дека се негативни на коронавирус. На нашиот инфектолог во моментов и помага и лекарка од Кочани“,
рече Ѓеорѓијев.
На одделот за интензивна нега и покрај тоа што еден анестезиолог е заразен нема проблеми со кадарот, бидејќи во работата се вклучени и специјализантите.
Досега од штипската клиничка болница се тестирани 18 здравствени работници.
Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција соопшти дека 122 здравствени работници досега се заразени со коронавирус, од кои 7 се веќе оздравени и ќе се вратат на работа.