Хрватската „НоваТВ“ објави дека грчката полиција знаела дека во земјата доаѓаат хрватски навивачи. Се одлучила за т.н. дискретна придружба. Со свои возила ги следела навивачите се до Атина. Но таму, во милионскиот град, навивачите на Динамо Загреб, свесни дека ги следат, се разделиле и се упатиле во различни правци, а полицијата се изгубила незнаејќи кого да следи. Хрватите формирале група и го предизвикале инцидентот во кој загина еден грчки навивач

Полицијата сè уште врши претреси во повеќе хотели во грчкиот главен град Атина барајќи ги преостанатите навивачи кои учествуваа во синоќешните немири, рече во своето јавување во живо од Атина за дневникот на хрватска „НоваТВ“, новинарот Марко Шепат.
Тој рече дека сега Хрватите во Грција не се популарна нација, но Грците се бесни на полицијата. „Се чини дека полицијата само што почна да си ја врши работата“, смета Шепат.
„Неверојатно е колку грешки направи грчката полиција. Денеска официјално дознавме дека на 4 август, четири дена пред натпреварот, хрватската полиција ги известила Грците дека ќе дојдат 150-200 навивачи од висок ризик. Црногорската полиција отишла чекор понатаму и вчера ги информирала дека 120 хрватски државјани, меѓу три и шест часот наутро, влегле во Црна Гора и за тоа ја известила грчката полиција“,
вели новинарот.
Грчката полиција се одлучила за т.н. дискретна придружба. Со свои возила почнала да ги следи навивачите се до Атина. Но таму, во милионскиот град, навивачите на Динамо Загреб, свесни дека ги следат, се разделиле и се упатиле во различни правци, а полицијата се изгубила незнаејќи кого да следи. Потоа, навивачите ги оставиле возилата на еден паркинг, формирале група и со метро се упатиле до местото каде го извршија бруталниот напад.
„Исто така, мора да признаам дека чувствуваме недоверба кон нас, се осмелувам да кажам, дури и презир при каква било комуникација, дури и со официјални лица како полицијата“,
додаде Шепат.
Сега, приведените хрватски навивачи одат на ДНК анализи бидејќи полицијата се сомнева дека меѓу 98 приведени, од кои 82 се Хрвати, е и убиецот. На телото на убиениот навивач останала ДНК-трага, но го нема ножот што бил скриен или фрлен, а е клучен доказ.
„НоваТВ“ јави и дека министерот за цивилна заштита на Грција, Јанис Иконому денеска разрешил седумина високи раководители на атинската полиција.
Инаку, Грција е во шок по ужасните сцени од синоќешното дивеење пред стадионот во атинскиот кварт „Нова Филаделфија“. Во пресрет на натпреварот од Лигата на шампионите меѓу АЕК и Динамо Загреб, повеќе од стотина хулигани – навивачи на загрепскиот клуб ги нападнаа навивачите на ривалот АЕК, а во нападот загина 29-годишен навивач на грчкиот клуб.
Иако натпреварот беше прогласен за настан од висок ризик и беше забрането присуство на гостински навивачи, повеќе од стотина хрватски навивачи заминале во Грција, каде предизвикаа масовни немири, во кои едно лице загина, друго се бори за живот, а најмалку уште десет лица биле повредени. Полицијата уапси 96 лица, меѓу кои 82 Хрвати. Потрагата по други учесници во немирите трае цел ден.