Грчки медиуми јавуваат дека Секторот за борба со спортско насилство уште пред два дена имал информации дека „хрватски хулигани“ ќе пристигнат во Атина за натпреварот на АЕК со Динамо Загреб
Во меѓувреме, УЕФА официјално објави дека првиот натпревар од 3. квалификациско коло во Лигата на шампиони меѓу АЕК и Динамо Загреб, кој требаше да се одигра вечерва во Атина, е одложен по навивачките немири во кои загина едно лице

Фудбалери на грчкиот фудбалки клуб АЕК, како и претставници на клупското раководство денеска го посетија местото на кое во синоќешните немири загина 22-годишен навивач на АЕК, јави грчкиот портал „Нузит“. Заедно со останатите граѓани и поддржувачи на клубот запалија свеќи и оставија цвеќе.
Φόρος τιμής από τους ποδοσφαιριστές και τη διοίκηση της ΠΑΕ ΑΕΚ στον αδικοχαμένο Μιχάλη. pic.twitter.com/OGHl0pZ60s
— AEK F.C. (@AEK_FC_OFFICIAL) August 8, 2023
Грчките медиуми денеска постојано објавуваат нови видеа од инцидентот што се случи пред стадионот на АЕК, а на кои се гледа дивеењето на навивачите.
Порталот „Нузит“ објави и дека обвинителите од Атина се сигурни дека убиецот на 29-годишниот навивач е меѓу 98-те уапсени хрватски навивачи на Динамо Загреб кои се во притвор. Наводно, убиецот оставил свој ДНК-траг на настраданото момче. Во тек е идентификација на сите уапсени со земање генетски материјал кој ќе се спореди со оној на облеката на убиениот.
Според информациите што ги објави „Нузит“, убиецот по злосторството го скрил ножот. Полицијата го бара овој предмет кој треба да е клучен доказ, но засега нема информации дали е пронајден.
Овој портал, но и неколку други грчки медиуми, објавија дека аналитичарите од Секторот за борба со спортско насилство веќе два дена знаеле дека најмалку 100 хрватски хулигани на Динамо Загреб ќе пристигнат во Атина во договор со навивачите на Панатинаикос и за тоа писмено ги известиле сите надлежни служби на грчката полиција, но, на крајот, како што се наведува во текстот, сепак не успеаја да ја спречат трагедијата пред стадионот на АЕК.
Инаку, група од 150 до 200 хрватски навивачи на Динамо Загреб, и покрај забраната за присуство на гостински навивачи на натпреварот АЕК – Динамо Загреб, кој требаше да се игра денеска, синоќа пристигнале во главниот град на Грција со автобуси и автомобили. По пристигнувањето, тие веднаш се упатиле пред стадионот на АЕК кој бил затворен, по што предизвикале сериозни инциденти.
Хрватските хулигани ги нападнале навивачите на АЕК, но и граѓани кои седеле во кафулињата во близина на стадионот во населбата Неа Филаделфија во Атина.
При еден таков напад, со нож бил избоден 22-годишен навивач на АЕК кој им подлегнал на повредите. Во тепачките се повредени осум лица, од кои пет Хрвати и тројца Грци, додека, пак, полицијата пријавува дека уапсила 96 лица, од кои дури 82 се Хрвати.
УЕФА денеска официјално објави дека првиот натпревар од 3. квалификациско коло во Лигата на шампиони меѓу АЕК и Динамо Загреб, кој требаше да се одигра вечерва во Атина, е одложен по навивачките немири.