Ова за Гласот на Америка на македонски јазик го изјавил портпаролот на американскиот Стејт департмент, на прашање дали САД добиле некакви гаранции од бугарските партнери дека нема да има ново вето за македонските евроинтеграции, откако би се усвоиле уставните измени
Соединетите Американски Држави силно ја поддржуваат интергацијата на С Македонија во Европската Унија (ЕУ) и ги охрабрува владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со билатералниот дијалог за решавање на разликите.

Ова за Гласот на Америка на македонски јазик го изјавил портпаролот на американскиот Стејт департмент, прашан дали САД добиле некакви гаранции од бугарските партнери дека нема да има ново вето за македонските евроинтеграции, откако би се усвоиле уставните измени.
„САД силно ја поддржуваат целосната интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Европска Унија што го вклучува целиот Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна. Ги охрабруваме владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, исполнување на претходните договори и поддршка на брзиот пристап на Северна Македонија“,
се вели во изјавата од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик.
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кон средината на минатиот месец во дебата за Западен Балкан пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот, рече дека САД силно го поддржуваат процесот за спроведување на уставните измени во земјава. Тој тогаш исто така наведе дека САД се ангажирани и со новата влада на Бугарија за да се осигурат дека нема да поставува нови барања за Скопје.
„Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани новата влада на Бугарија за да се осигуриме дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори“,
рече Ескобар за време на дебата во Конгресот на 18 јули.
Претходно во мај, во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, специјалниот преставник на САД за Западен Балкан ја повика опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на С Македонија.
„Она што би сакал да го слушнам од опозицијата е посветеност на патот на евроатлантските интеграции. И тоа вклучува разгледување начини како Македонија да се доведе до следната Меѓувладина конференција. Би рекол дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од Северна Македонија. Имаме земја која направи сè што е потребно за да премине на следниот чекор и мислам дека го заслужува следниот чекор. И мислам дека сите, и во рамките на Европската Унија, и во политичките структури на Северна Македонија, треба да направат сè што е можно за ова да успее“, рече тогаш Ескобар.
Пленарната седница за првата фаза на уставните измени, односно за гласањето за потребата од промена на највисокиот правен акт во државата, е закажана за 18 август.
Консензус меѓу власта и опозицијата во земјава за измените, со кои Бугарите и припадниците на уште четири народи треба да влезат во Преамбулата на Уставот, засега нема.
Во пресрет на седницата, премиерот Димитар Ковачевски во интервју за државната новинска агенција МИА, објавено во неделата, рече дека очекува искрена, квалитетна и плодна парламентарна дебата низ која ќе се разјаснат сите аргументи за да се стаса до натпартиска одлука со која ќе се покаже сериозност и одговорност.
„Едно нешто на сите нас во државата треба да ни биде јасно – нема да има подобар договор, нема да има нов договор, нема да има друга Преговарачка рамка. И ова е единствената вистина, која не ја кажувам јас, не ја вели СДСМ, Владата, тоа е ставот на Европската Унија“,
рече Ковачевски во интервјуто.
Тој посочи дека ни е потребен општествен национален консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел и оти смета дека нема простор за загриженост од нови барања од бугарска страна, теза, која, според него, ја наметнува опозицијата и е манипулативна и има двојна цел.
„Прилично јасни се работите, нови условувања за нас не може да има. Јасни беа и пораките од меѓународната заедница дека нема да има нови барања. Исто така, и Бугарија на повеќе наврати го потврди истото. Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското МНР, сите тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во Преговарачката рамка. Така што, нема простор да размислуваме во насока дека влегуваме во вртлог на нови барања. Барањата понатаму ќе се реформи“,
рече Ковачевски во интервјуто за МИА.
Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, во неколкуте реакции по интервјуто, порачаа дека моментот на општ консензус бил минатата година, кога илјадници луѓе протестираа против францускиот предлог, но и кога од партијата била дадена рака за помош која премиерот константно арогантно ја одбивал.
„Ковачевски, Османи и Маричиќ преговорите ги водеа во стилот ‘Јас, тате и бате’, а од другата страна Бугарија го вклучи целиот свој дипломатски, институционален и експертски капацитет. И заради тврдоглавоста и кусогледоста на Ковачевски, денес Македонија треба да менува Устав под бугарски диктат и притоа нема никакви европски институционални гаранции дека Бугарија нема да поставува нови услови, нема да има промена на учебници и историски наративи, дека нема да има бесконечни преговори или однародување“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.