Во видеообјава, застанат пред табла со креда в рака, Османи ја објаснува Преговарачката рамка, со цел, како што вели, да да ги демантира сите шпекулации во однос на нејзината содржина
Она што е важно, вели шефот на дипломатијата, е дека во ниту една од одредниците, патоказите или скалилата во специјалниот дел од Преговарачката рамка нема референци или поврзаност со Договорот со Бугарија
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска во видеообјава во „професорски стил“ ја објасни структурата и содржината на Преговарачката рамка на С Македонија со Европската Унија.
Целта, како што наведува тој во видеообјавата, е да ги демантира сите шпекулации во однос на нејзината содржина. Во објаснувањето, Османи се фокусира на позиционираноста на Договорот со Бугарија и на прегледите од член 12 од Договорот.
Застанат пред зелена табла со креда в рака, министерот за надворешни работи презентацијата ја почнува со објаснување дека Преговарачката рамка се состои од два дела – општ и специјален дел.
„Во општиот дел се таканаречените општи одредници од Преговарачката рамка за коишто нема извештај, нема писмен извештај од страна на Комисијата и за кои нема да има гласање од земјите членки, односно од Европскиот совет“,
вели Османи.
Во специјалниот дел, продолжува тој, се 35-те поглавја од преговорите, кои, како што појаснува, се скалилата низ кои задолжително треба да помине државата низ пристапниот процес за да стане членка на Европската Унија.
„За секое отворање и затворање на поглавје треба да се исполнат одредени услови кои се нарекуваат одредници. Имаме одредници за отворање на поглавје и одредници за затворање на поглавје. За тие одредници, има писмен извештај од Европската комисија и има гласање од страна на земјите членки. Што значи дека евентуално нова пречка на патот може да има само во однос на овие одредници. А одредниците се содржани во трите Патокази што ќе ги подготвиме по скринингот, а ќе ги усвои Европската Унија“,
вели Османи.
Во еден од патоказите, односно во оној за владеење на правото, се наоѓа акциски план за малцинства,
„Само ова прашање, ако можеме да кажеме дека е дел од односите со Бугарија, е одредница за којашто ќе има писмен извештај и ќе има гласање и евентуално може да биде некоја хипотетичка пречка“,
додава Османи.
Сепак, тој појаснува дека акцискиот план за малцинства не се однесува за некое специфично малцинство, туку генерално за сите малцинства – етнички и неетнички.
Она што е важно, вели шефот на дипломатијата, е дека во ниту една одредниците, патоказите или скалилата во специјалниот дел од Преговарачката рамка нема реферци или поврзаност со Договорот со Бугарија.
„Тие се наоѓаат во овој општ дел. Значи во ниту една од овие одредници, патокази и скалила има прашања од Договорот со Бугарија , Историската комисија, прегледите од член 12. Тие се наоѓаат во општиот дел: Договорите – и Договорот со Бугарија и прегледите од член 12 од истиот Договор. Тие се наоѓаат во општиот дел за кои нема писмен извештај и нема гласање“,
вели шефот на дипломатијата.
Оттука, потенцира Османи, Договорот со Бугарија и прегледите од членот 12 од него не можат да бидат пречка на патот на државата кон Европската Унија.
„Што не значи дека ние нема да го имплементираме Договорот и прегледите од член 12, бидејќи тие се потпишани, преземени се обврски, меѓутоа на ниту еден начин за нив ќе има писмен извештај, ниту ќе има гласање ниту можат да бидат основа за нова пречка на нашиот пат кон ЕУ“,
вели министерот за надворешни работи.
Инаку, Европската комисија го објави нацрт-извештајот од скринингот за Кластер 1 „Фундаментални вредности“. Генералната оценка што на прв поглед може да се извлече од нацрт-верзијата е дека земјава е „умерено“ подготвена за членство во Европската Унија во однос на легислативата и нејзиното спроведување во пракса во согласност со стандардите на ЕУ.