На почетокот од одговорот во врска со интервјуто на Ковачевски за МИА, од опозициската партија велат дека е добро да ѝ се објасни на јавноста како е тоа реализирано, кога премиерот најави дека од 3 август е на одмор во странство, во држава и локација која досега е необјавена во јавноста
Консензус за уставни под бугарски диктат не е можен, единствено е можен консензус за избори, го повтори попладнево својот добро познaт став опозициската ВМРО-ДПМНЕ, овој пат како реакција на интервјуто на премиерот Димитар Ковачевски за државната новинска агенција МИА.

Инаку, на почетокот од одговорот во врска со интервјуто на Ковчевски, од партијата велат дека е добро да ѝ се објасни на јавноста како е тоа реализирано, кога премиерот најави дека од 3 август е на одмор во странство во држава и локација која досега е необјавена во јавноста.
„Дали е однапред направено или истото е направено од плажа, или е напишано на друг начин“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на содржината на интервјуто, од опозициската партија посочуваат дека тоа што е суштинско и што недостасува е одговор на прашањето, зошто бил одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за консензус пред Владата да ја прифати преговарачката рамка со Европската Унија.
„Тоа што е суштинско и што недостасува во ламентирањето на Ковачевски во интервјуто е зошто беше одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за општествен и политички консензус пред да прифати преговарачка рамка со ЕУ со која Бугарија ќе има можност и ќе ја искористи таа можноста да ја блокира Македонија секогаш кога нема да бидат исполнети иредентистичките, антимакедонски диктати од Софија?“,
се вели во писмената рекација на опозициската партија, во која се додава дека над 80 проценти од граѓаните на земјава се против промена на Уставот под бугарски дикатат.
Ковачевски, велат од ВМРО-ДПМНЕ, само за ден повеќе на власт и одржување на коалиција со ДУИ ја доведе Македонија во подредена положба и ја загрози нејзината европска интеграција, уште повеќе нејзината вековна јазична, културна и историска посебност.
„Но, тоа се прашања за коишто ќе мора да одговори кога ќе се врати од луксузното одморалиште далеку од очите на јавноста, кога ќе се соочи со неизбежноста од одржување предвремени парламентарни избори. Консензус за уставни измени под бугарски диктат не е можен, единствено можен е консензус за избори“,
порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Ковачевски во интревјуто за МИА, објавено денеска, рече дека е потребен национален општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, членство на Северна Македонија во ЕУ.
Во пресрет на собраниската седница за уставни измени тој очекува искрена, квалитетна и плодна парламентарна дебата низ која ќе се разјаснат сите аргументи за да се стаса до натпартиска одлука со која ќе се покаже сериозност и одговорност.
Според македонскиот премиер, опозицијата треба да изгради став и да одлучи дали е за интеграција во ЕУ, реално и суштински или за изолација.