Државата ги ослободува компаниите од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход, како и аконтациите на данокот на добивка за март, април и мај оваа година, информираше директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на денешната прес-конференција.
Двете ослободувања како мерки се донесени со владина уредба со законска сила во време на вонредна состојба поради корона-кризата.
Ослободувањето се однесува на правните лица кои вршат угостителска дејност, туризам или транспорт, како и други обврзници кои имаат претрпено штети поради спроведувањето на мерките за заштита од коронавирусот.
„Да не исплатуваат дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност или друг вид годишна награда на вработените или на органите на управување или надзор на даночниот обврзник од денот на стапување на сила на уредбата со законска сила до денот на траењето на ослободувањето, односно 15 јуни 2020 г. Исто така, да не го намалат бројот на вработени сметано до 26 март до три месеци по престанувањето на нејзината важност освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.“
се дел од условите што ги наброја Лукаревска, а кои треба да ги исполнат обврзниците за да ја искористат оваа мерка.
За да можат да ги искористат овие поволности, фирмите од останатите дејности, освен угостителство и туризам, треба да исполнуваат еден од условите кои важат за нив.
„Вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40 насто во однос на претходниот месец или намалувањето на вкупните приходи за 2020г. да изнесува повеќе од 40 проценти во однос на истиот период претходната година. Или бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на работодавачот поради спроведување на мерките за коронавирусот да изнесуваат најмалку 25 проценти во однос на вкупниот број вработени во месец февруари 2020г. Или даночниот обврзник да затворил најмалку 50 проценти од продажните места преку кои го остварува прометот“
рече Лукаревска.
Даночните обврзници за искористување на ова право потребно е електронски да поднесат барање преку системот е-даноци на УЈП. Барањата автоматски се обработуваат, а обврзникот добива повратна порака како одговор на барањето.