Од Регионалниот Центар за управување со кризи (РЦУК) Велес велат оти во одреден момент имало опасност и по куќите во селото, но ширењето на пожарот било спречено благодарение на брзата интервенција и заедничката акција на сите надлежни институции
Педесет хектари сува трева, нискостеблеста шума, багреми и борчиња изгореа во вчерашниот пожар над селото Отовица во близина на велешкото езеро Младост.

Од Регионалниот Центар за управување со кризи (РЦУК) Велес велат оти во одреден момент имало опасност и по куќите во селото, но ширењето на пожарот било спречено благодарение на брзата интервенција и заедничката акција на сите надлежни институции.
Причините за пожарот, кој избувна вчера околку 13 часот, засега не се познати. Тие треба да бидат отркиени со истрагата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес.
Надлежните се сомневаат дека причината за пожарот е фрлен отпушок на автопатот Велес – Скопје, како што беше случај во претходниот пожар на истата локација на 31 јули годинава. Но, тогаш пожарот беше помал, побрзо изгаснат и имаше помала штета. Од полицијата велат дека затоа тешко може да се открие сторителот на пожарот.
Пожарот беше пријавен во 13:30 часот, а беше изгаснат во 19:40 часот.
Во гаснењето беа вклучени 16 пожарникари со пет противпожарни возила, една цистерна со двајца вработени од ШС „Бабуна“ и девет вработени од ЈКП „Дервен“, како и еден хеликоптер на МВР и два авиони на ДЗС.