-Јас од 1993 до 2003 работев во Основниот суд во Гевгелија, потоа од 2003 до 2009 како јавен обвинител, но тогаш се даде можност и да не се продолжи мандатот на обвинителите што и се случи. Еден од колегите од нашата група кој исто како и на мене не му го продолжија мандатот тогаш, тужеше во Стразбур и се спогоди со државата. Неговиот епилог беше мотив да аплицирам и за член на Советот на јавни обвинители, инаку досега работев како адвокатка, кажа Петкова претходно во изјава за „360 степени“

Во Собранието, денеска, пред спикерот Талат Џафери и генералната секретарка Цветанка Иванова, свечена изјава даде Кети Петкова, како нов член на Советот на јавните обвинители. Таа беше придружувана од претседателот на Советот, Антонио Јолевски.

Петкова го помина собранискиот филтер и покрај противењата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои прашуваа како таа, како член на Советот ќе ја оценува работата на јавните обвинители, кога во 2009 година токму од Советот била разрешена од функцијата јавен обвинител поради нестручно и несовесно работење во службата.
Петкова до 2009 работела како јавен обвинител во Гевгелија, а потоа продолжила да работи како адвокатка. Претходно, во изјава за „360 степени“, таа рече дека мандатот не ѝ бил продолжен оти тогашната власт имала законска опција да го направи тоа, а не дека работела нестручно и несовесно.
„Јас од 1993 до 2003 работев во Основниот суд во Гевгелија, потоа од 2003 до 2009 како јавен обвинител, но тогаш се даде можност и да не се продолжи мандатот на обвинителите што и се случи. Еден од колегите од нашата група кој исто како и на мене не му го продолжија мандатот тогаш, тужеше во Стразбур и се спогоди со државата. Неговиот епилог беше мотив да аплицирам и за член на Советот на јавни обвинители, инаку досега работев како адвокатка“,
кажа Петкова за „360 степени.
Вчера, во Собранието, свечена изјава како нов член на Советот на јавни обвинители даде и Светлана Жупановска.

ВМРО-ДПМНЕ и за Жупановска обвинуваше дека не исполнува ниту еден услов за да биде член на Советот на јавни обвинители. Тврдеа дека таа била стручна соработничка во суд, а потоа и советник за огласи и вработувања на Катица Јанева во СЈО (2016-2018 г.), што сметаат дека е спротивно на законот за Советот на јавни обвинители, со кој е уредено дека членовите што ги избира Собранието се од редот на универзитетски професори по право, адвокати или други истакнати правници.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, досега одбиваше да ги коментира кандидатите. Вели дека поради пензионирање на два члена (Ангел Солев и Љупчо Ивановски), Советот работи со деветмина, наместо со единаесет луѓе. Забележува дека огласите се распишани од поодамна, а се случува Советот да е мета на критики во јавноста дека одложува седница, за што причина понекогаш е немањето кворум.