Шефот на државата изрази очекување дека со разговорите, кои би траеле наредните неколку месеци, би можеле, како што вели, конечно да се убедиме дека ова е стратешки момент што не смееме да го пропуштиме за иднината на државата
Претседателот Стево Пендаровски очекува интензивна дебата меѓу власта и опозицијата во врска со уставните измени и потребата од нивно усвојување. Шефот на државата изрази очекување дека со разговорите, кои би траеле наредните неколку месеци, би можеле, како што вели, конечно да се убедиме дека ова е стратешки момент што не смееме да го пропуштиме за иднината на државата.
Претседателот ова го изјави при денешната работна посета на Општина Пустец во Албанија, во пресрет на седницата на Комисијата за уставни прашања во вторник, на чиј предложен дневен ред ќе се најде предлогот за пристапување кон измена на Уставот на земјава.

Гласањето за евентуалното отворање на Уставот, според Пендаровски, нема да се случи во август.
„Не очекувам првата фаза – гласање за евентуално отворање на уставните промени да се случи во август. Имам очекување дека тоа ќе биде најверојатно после годишните одмори, некаде крајот на септември. Инаку, целата временска рамка која се очекува евентуално да го промениме Уставот треба формално да заврши до 30 ноември, додека трае скринингот“,
посочи Пендаровски.
Владата на 18 јули ја усвои предлог-иницијативата за уставни измени со која Бугарите и други делови од народи треба да се внесат во Уставот, по што ја достави до претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе учествуваат во собраниската расправа за уставните измени која ќе започне со дебата во Комисијата за уставни прашања идниот вторник, велејќи дека на неа јасно ќе дадат до знаење зошто се против усвојувањето на уставните измени.
Пленарната седница на која пред пратениците ќе се најдат амандманите за уставните измени е закажана за 18 август во 11 часот. Претходно, на 25 јули, е закажана седница на Комисијата за уставни прашања, која треба да расправа по оваа точка најмногу 10 работни дена.