Здравствените работици на кои им престанува вработувањето според возраста поради исполнување право на пензија, поради сосојбата со пандемијата со ковид -19, согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување за време на вонредна состојба ќе можат да продолжат со работа.
Владата на предлог на Министерството за здравство денеска усвои дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствена заштита за време на вонредна состојба со што престанокот на вработувањето по сила на закон, со престанок на Договорот за вработување или Договорот за продолжување на вработувањето на здравствен работник односно здравствен соработник, поради возраст, се одложува за време на траењето на вонредната состојба.
Тоа се однесува на сите кои се стекнуваат со право на старосна пензија со наполнети 64 години за маж, односно 62 години за жена согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување за време на вонредна состојба, или со наполнети 64 години, кога со писмена изјава до работодавачот побарал да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст согласно Законот за работните односи.
Согласно оваа Уредба, започнатите постапки за престанок на договор за вработување или договор за продолжување на вработувањето на здравствен работник, односно здравствениот соработник, поради возраст, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба, соопштија од Владата.