Мистериозното спојување на концесиите за Иловица продолжува да ја бранува јавноста – ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека не само што се враќа концесијата по промената на сопствеништвото, туку и дека тоа се направило без потребните студии за заштита на животната средина. Портпаролката Марија Митева од партиска панел-дискусија за животната средина порача дека владините функционери се претставуваат како борци против рудник и се појавуваат на граѓански протест, а во исто време носат одлука за спојување на концесиите за Иловица.
„Ова ги покажува страшните бизнис интереси на оваа влада и од сите небулози не слушнавме одговор, како биле доведени во заблуда. Зошто дозволиле да има Дестани дозвола да влезе во сопственичкиот удел иако владата можела тоа да го спречи и уште едно прашање дали Дестани има поднесено студија за заштита на животната средина до надлежното министерство? Нашите информации говорат дека нема. Факт дека ќе направат се само да им поминат нивните бизнис зделки наспроти и на штета на граѓаните. Зошто дозволија да се спојат концесиите, и ако велеа дека нема рудник или пак да влезе Дестани, па ако оди случајот на арбитража парите да одат во СДС и ДУИ“,
обвини Митева.
Митева го повтори ставот дека Дестани е човек кој важи за човек близок во ДУИ, кој влегува со удел како концесионер и магично, како што рече, после само 15 дена Управен суд носи одлука за поништување на одлуката за раскинување на концесијата.
„Само од овие две работи се гледа како било договорено предвреме за да се извлечат пари од буџетот. Гледаме дека Владата е спремна да удри врз здравјето и живото на граѓаните од струмичкиот крај и да не се грижат дали оваа фирма има познавање во областа. Фирмата на Дестани е истата која се обврза да гради електрични коли, а ништо нема од таа фабрика. И овој човек добива дозвола од Владата за која во моментот кажува дека била измамена од министер во истата влада“,
посочи Митева.
Од Владата за оваа тема се уште не изнесуваат детали со објаснување дека на следната владина седница ќе се разгледуваат сите одлуки, договори,судски и управни постапки, кои како што рече премиерот Ковачевски биле водени од 2012 година до денес.
Ваков став од Владата најавија и за претходната владина седница, на која се очекуваше одговорите да ги даде министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој наместо на владина седница, ги повика новинарите на брифинг, каде од Министерството за економија споделија дека остануваат на ставот за спојување на концесиите за Иловица-Штука. Оттаму повторија дека се работи за административно спојување и тврдат дека така државата избегнува нови спорови. Спојувањето на концесиите го помина владиниот филтер на 27 јуни 2023, а Владата материјалите ги добила ден претходно, што според Економија е доволно време за министрите да се запознаат за што ќе гласаат.
Од Владата пак официјално најавија преиспитување на одлуката и го задолжија Бектеши да реферира на следната владина седница, бидејќи повеќе министри јавно се изјаснија дека не биле запознаени со материјалите на седницата. Прво за ИРЛ , а потоа и во повеќе јавни настапи министрите Каја Шукова, Оливер Спасовски, Славјанка Петровска, а подоцна и министерката Јованка Тренчевска рекоа дека не биле запознаени со суштината на предметот.