Измените во рамки на градежните парцели на Деталниот урбанистички план за Стара Железничка се по барања на граѓаните наведени во анкетните листови доставени за време на јавните анкети, велат од Општина Центар, по вчерашната рекација на „Шанса за Центар“, од каде обвинија дека новиот ДУП се носи на шверцерски начин за задоволување на апетитите на инвеститорите. Измените се однесуваат на катноста и висините на дел од градбите.
„Со тие измени направено е зголемување на вкупната бруто површина на ниво на градска четврт за само 10%. Станува збор за израмнување на висината на постојните објекти Рамстор и Кам Маркет со висина дефинирана според венецот на постојните изградени објекти долж истиот уличен фронт“
велат од Општина Центар.

Од општината објаснуваат дека за сметка на доградбите и зголемувањето на процентот на изграденост, инвеститорите на двете парцели (Кам и Рамстор) се обврзуваат да изведат зелени проодни кровни тераси.
„Истите се прават со цел да го зголемат процентот на зеленило на ниво на градската четврт и треба да се достапни за јавна употреба. За да се реализира целосно дозволената бруто површина за градба задолжителен услов е и да го обезбедат неопходниот број на паркинг места во рамките на сопствените парцели“
објасуваат од Општина Центар.
Имајќи ја во предвид комплексноста на локалитетот од сообраќаен аспект, во овој ДУП се внесени измените што произлегуваат од одобрените основни сообраќајни и инфраструктурни проекти, дополнуваат од Општина Центар. Измените на ДУП-от, како што велат, ги добиле сите согласности и позитивни мислења од надлежните институции вклучувајќи го и Град Скопје кој е надлежен за контрола дали планот е во согласност со ГУП-от.
„Нанесено е решението одобрено од Град Скопје со кое детално се разработени кружните крстосници како и трасата на подземната сообраќајница (Булевар Македонија). Дефинирани пешачки и велосипедски патеки и предвидена е изградба на паркинг простори за велосипеди и тротинети на отворена и на затворена јавна површина“
се наведува во соопштението.
Од „Шанса за Центар“ реагираат дека на паркингот кај „Рамстор“ на „шверцерски“ начин е протната зграда која ќе биде висока 23 метри, a зголемување ќе има и на новиот објект на „КАМ“ кој се наоѓа на спротивниот крај на улицата и кој сега ќе биде повисок за седум метри.
Измените кои ги има во ДУП за овој дел од „Шанса за Центар“ велат дека се спротивни од планот даден на јавна расправа и спротивно на Генералниот урбанистички план, а базирани на одлуки од нова и попустлива Комисија формирана 2022 година која одлучила поинаку од Комисијата во 2020 година на барањата по Јавната анкета.