Во текот на вчерашниот ден се извршени вкупно 55 инспекциски надзори, од кои 40 се вонредни, а 15 се контролни инспекциски надзори. Изречени се вкупно 13 инспекциски мерки, и тоа девет решенија за забрана за работа за утврдено непочитување на препораките односно затекнување активности каде што работниците се директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот, велат од ДИТ

Четири фирми добиле решенија за забрана за работа откако во текот на вчерашниот ден инспекторите од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) утврдиле дека има непочитување на препораките за забрана за работа на отворено и изложување на работниците на високи температури во периодот од 11 до 17 часот.
Во денешното соопштение од ДИТ се наведува дека за уште девет фирми се издаде решенија со наредба за почитување на препораките за превенција и заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран.
„Во текот на вчерашниот ден се извршени вкупно 55 инспекциски надзори, од кои 40 се вонредни, а 15 се контролни инспекциски надзори. Изречени се вкупно 13 инспекциски мерки и тоа девет решенија за забрана за работа за утврдено непочитување на препораките односно затекнување активности каде што работниците се директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот“,
се додава во соопштението.
Директорката на ДИТ, Весна Томовска, вели дека сите човечки ресурси со кои располага Државниот инспекторат за труд се фокусирани на градежната оператива, каде што секој ден се вршат надзори во периодот од 11 до 17 часот, кога трае и забраната за работа поради топлотниот бран.
Таа додава дека препораките за забрана за работа, во овој период од денот за време на топлотниот бран, се однесуваат и за бремените жени и за повозрасни лица над 60 години.
„Без разлика дали се работи за дејности од текстилната индустрија или други дејности, генерално забраната за бремените жени мора да се почитува. Во моментот фокусот е ставен повеќе на градежната дејност, затоа што ризикот во услови на топлотен бран, кога се работи на отворено е многу повисок за тие работни места“,
нагласува Томовска.
Државата веќе една недела е активно портокалово ниво на опасност од високи температури. Владата донесе препораки според кои бремените жени и лицата на возраст над 60 години се ослободени од работните обврски, децата во градинките не смеат да имаат физички активности од 11 до 17 часот, приватниот сектор треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, а се препорачува и избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот.