Денеска, Државната комисија за спречување на корупцијата поднесе иницијатива за кривично гонење на функциониери од ДИК во врска со набавката на системот за биометриска идентификација на гласачи со отпечаток од прст, т.н. „фингерпринт“
Иницијативата доаѓа по речиси две години од отворањето на предметот. За тоа време, ДКСК дошла до заклучоци – дека квалитативен прием има само за 200 од вкупно 4 000 парчиња опрема, дека има сомнителни трансакции од сметките на фирмите подизведувачи, дека недостасуваат документи и настани без кои не требало да се исплатат 11-те милиони евра, колку што чинеше опремата…
Не поминаа ниту два дена од средбата меѓу Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во рамките на „националниот фронт за борба против корупцијата“, а веќе е ставен на тест новиот импулс за соработка меѓу овие две институции. ДКСК денеска одлучи да поведе иницијатива за кривичен прогон до Јавното обвинителство, а во врска со набавката на т.н. „фингерпринт“ систем од германската компанија „Дермалог“.

За оние со послаба меморија, уредите чија функција е гласачите при избори да се идентификуваат со отпечаток од прст наместо со спреј, беа купени во 2021 година, пред локалните избори таа есен. Чинеа околу 11 милиони евра, добавувач беше германската фирма „Дермалог“, а тендерот успеа на „втора“. Првиот тендер пропадна, двајца членови на комисијата за предметната набавка си дадоа оставка, па беше направена нова комисија. Таа нова комисија беше составена од пет члена, од кои тројца се/биле членови на самата Државна изборна комисија.
Како „Дермалог“ победи на тендерот?
Уште кога се распадна првата комисија за набавката, по првиот неуспешен обид за тендерот, во јавноста почна гласно да се шепоти дека има некаков „проблем“ со набавката на уредите. Тогаш, „360 степени“ направи сторија потпирајќи се на јавно достапните податоци. Членот на ДИК предложен од СДСМ и тогаш поставен за нов претседател на комисијата за набавка на „фингерпринтот“, Оливер Ристовски, призна дека барем еден член од претходната комисија си поднел оставка поради „притисоци“.
А освен промени на составот на комисијата, имаше и промени на условите во тендерот. Според институцијата, неопходни и легални.
Но, од ДКСК сега велат дека тие промени се сомнителни. Особено што биле правени непосредно пред изборите, односно без шанса за уште еден неуспешен тендер.

„Постои сомневање дека со начинот на кој била спроведена постапката за јавна набавка било доведено во прашање одржувањето на изборите. Понатаму, не е исклучена веројатноста дека со техничката спецификација која според Комисијата за заштита на конкуренцијата содржела ограничувачки критериуми, бил фаворизиран избраниот економски оператор“,
пишува во денешната Белешка на ДКСК за медиумите.
А не е само техничката спецификација проблематична пред изборот на „Дермалог“. За Антикорупциска е нејасно, односно недоволно образложено – како проценетата вредност на набавката пораснала од првичните 5 милиони на 12 милиони евра? За потсетување, „Дермалог“ ќе го добие тендерот со понуда од 11 милиони евра, без ДДВ. Понатаму, ДКСК го поставува под знак прашање и учеството на членови на ДИК во комисијата за набавка.
„Назначувањето на членови на ДИК за членови на Комисијата за јавни набавки ДИК го заснова на Мислење од Бирото за јавни набавки кое претходно било обезбедено на нејзино барање. Сепак, во Мислењето било укажано дека Законот експлицитно не забранува именуваните лица да бидат членови на Комисијата за јавни набавки, но доколку тие лица не учествуваат во донесување на одлуките во тој орган. Воедно, во Мислењето е содржана препорака при одлучувањето за тоа прашање да се земе предвид Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“,
велат од ДКСК.

На крај и така избраната комисија има судир во своите редови, кога треба да се избере најдобриот од вкупно четири понудувачи. Двајца членови не го потпишуваат Извештајот по извршената евалуација. Па, сепак, тоа е доволно за „Дермалог“ да победи.
Само 5% од опремата има квалитативен прием
„Дермалог“ се обврзува дека ќе достави 4 000 уреди за биометриска идентификација, дека ќе изврши обука на персонал и дека ќе одржува опремата пет години. За таа намена, тој формално има и двајца подизведувачи – „Алфазет“, компанија од тетовско Долно Седларце и „Симболико“, фирма од Скопје која нема ниту функционален веб сајт за да им ги провериме референците.
Согласно договорот, при приемот на опремата требало да се утврди фактичката состојба, состојбата и техничките карактеристики на примената опрема. Уредите стигаа во повеќе пратки (не наеднаш), а Државната изборна комисија, тврдат од ДКСК, извршиле прием по сите прописи само за 200 од вкупно 4 000 нарачани а потоа и платени уреди.
„Во отсуство на документација со која се потврдува приемот на поголем дел од предметот на набавката и во отсуство на пописни листи во кои се специфицирани поединечни делови од предметот на набавката заедно со нивните карактеристики, не постои можност да се утврди дали карактеристиките на примените средства соодветствуваат на карактеристиките дадени во техничката спецификација која била дел од тендерската документација, ниту дали истите соодветствуваат на карактеристиките наведени во понудата на избраниот оператор“,
тврдат од ДИК.
Како и да била примена опремата, ДИК потоа требал да изврши и серија други дејствија. На пример, тест на прифање, потврдување на функционалност на системот. За тоа требало да бидат изготвени Записник за квалитативен и квантитативен прием и Записник за тест за прифаќање. Ова биле услови за потоа опремата да биде платена. Ама…

„Од утврдената фактичка состојба произлегува сомневање дека тест за прифаќање, квалитативен и квантитативен прием практично не биле спроведени, како и сомневање дека присуството на членови на ДИК, на вработени и по други основи ангажирани лица на презентација на системот било искористено за истото да се претстави како тест на прифаќање и констатирање на функционалноста на системот, за што од поединци биле доставени известувања за неприфаќање на записниците во кои биле наведени нивните имиња“,
велат од ДИК.
„360 степени“ веќе извести и ги објави дописите на дел од луѓето кои тврдат дека биле искористени за да се изготват спорните записници. Дел се вработени во ДИК, дел хонорарно ангажирани лица, а дел и членови на ДИК, меѓу кои и актуелниот министер за правда а тогаш член на ДИК, Кренар Лога. Сите што ги прашавме потврдија дека биле повикани на обичен состанок, а по неколку дена дознале дека извршиле „тест за прифаќање“.
Па, сепак, карванот продолжил. Опремата е платена во целост.
Проблеми на терен
Целта на системот за идентификација со прст, барем кога се појави идејата, беше да не се дозволи гласање на исто лице на повеќе гласачки места доколку има повеќе од еден личен документ и идентитет. Но, уште пред гласањето се знаеше дека системот не може да ги споредува отпечатоците од прсти од цела држава „во живо“, односно во реално време.

Едноставно, секој уред беше „наполнет“ само со отпечатоците од прсти од гласачкото место на кое е поставен, па на крај беше само скапа замена за старите спрејчиња со флоуоресцентно мастило. Но, системот од 11 милиони евра потфрли и за таа намена. Многу граѓани се жалеа дека скенерот не им го препознава отпечатокот, па гласаа „рачно“, по старо. На крај, остана непознато дали откако сите апарати беа вратени од гласачките места, беа и ставени во иста мрежа за да се провери – дали ќе има поклопување на отпечатоци на две различни гласачки места.
Сите ги видоа проблемите на гласачките места, но не и претседателот на ДИК, Александар Даштевски. Тој по изборите заклучи дека сè поминало беспрекорно. Од ДКСК потсетуваат дека не било така, повикувајќи се на извештаите на ОДИХР и на Државниот завод за ревизија.
„Во Конечниот извештај на Mисијата на ОДИХР за набљудување на избори – ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 17 и 31 октомври 2021, се констатирани повеќе недостатоци во однос на транспарентноста на постапката за јавна набавка, функционирањето на уредите и одржаните обуки.
Наоди што се однесуваат на постапката за јавна набавка и на сите аспекти на квалитативен и квантитативен прием, тест на прифаќање, записници и исполнување на договорните одредби се содржани и во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор издаден на 23.02.2023 година, за извршена ревизија за усогласеност – Исплатени средства од ДИК за извршување на изборните дејствија за спроведување на Локалните избори 2021 година“,
потсетуваат од ДИК.
Државен факултет спроведувал избори
„Дермалог“ можеби го доби тендерот, но фирмата настапи со двајца локални подизведувачи, веќе споменати погоре. Како што покажа истражувањето на „360 степени“ од почетокот на годинава, тендерот со ДИК им бил вистинска „секира во мед“.
Едната фирма, „Алфазет-М“ од Долно Седларце, во годината кога го добиле и реализирале тендерот, има вкупни приходи од 1,3 милиони евра, од кои на крајот на годината како профит ѝ останале речиси 1 милион (960 000 евра)! Веќе следната година, вкупниот приход на оваа компанија паѓа на само 56 000 евра. Тоа е „нормалниот“ обем на работа, кога нема тендер од ДИК.
Другата фирма подизведувач, „Симболико“, вообичаено имале годишен профит меѓу 18 000 и 75 000 евра во периодот од 2018 до 2022 година. Во годината кога го добиваат тендерот, 2021-та, профитот им е 380 000 евра.

Од ДКСК велат дека и двете фирми баш и немале квалификации за тоа што биле ангажирани и дека тие самите си нашле свои подизведувачи.
„Од страна на подизведувачите биле ангажирани повеќе други подизведувачи и тоа заради реализација на превозот на стоката и заради обезбедување на техничка поддршка на денот на изборите во врска со УБИГ, што не е предвидено со одредбите на Законот за јавните набавки што се однесуваат на ангажирање на подизведувачи. Притоа, обврската за извршување на дел од активностите од страна на еден од подизведувачите била пренесена на факултет во рамки на државен универзитет, со кој подизведувачот склучил договор, за што кон факултетот биле исплатени средства за завршувањето на договорениот ангажман“,
велат од ДКСК.
И, можеби, „врвот на тортата“ е што од ДКСК откриле дека една од фирмите подизведувачи почнала да се интересира за гласање со „фингерпринт“ уште пред да се објави првиот оглас. И не само тоа, откако биле исплатени за услугите, подизведувачите имаат сомнителни трансакции кон физички и правни лица, велат антикорупционерите.
„Воедно, индикативно е сомневањето дека еден од подизведувачите уште пред да биде објавен првиот оглас за јавната набавка, вршел активности поврзани со техничка поддршка, истражување на пазар, пронаоѓање на решение за проектот ‘фингерпринт’ за локални избори и пронаоѓање на производители, што упатува на сомневање дека тој подизведувач имал сознанија за активностите кои во тој период во ДИК биле во тек. Поголемиот износ на средства кои од сметките на подизведувачите е пренесен на сметки на физички лица или на поврзани правни лица по уплатата на средства од страна на изведувачот отвора сомневање во однос на целите за кои овие средства понатаму биле искористени.
Што сега?
ДКСК си ја заврши работата во врска со овој случај. Толку се нивните надлежности. Но, тоа не значи и дека ја завршиле работата со Даштевски. Тие имаат уште еден предмет против него, отворен по сторија која ја објави „360 степени“.

На 24 април објавивме дека претседателот на ДИК, Александар Даштевски, бил овластен од тештата (75) за да финализира купување на имот на Халкидики. Официјалната вредност на куќата наведена во нотарските акти е 110 илјади евра. Тоа е најмалку двапати помала од пазарната цена на слични недвижнини во Елани.
Откако ја објавивме оваа сторија, ДКСК одлучи да отвори предмет.
Поинтересно од одлуката на антикорупционерите беше одлуката и на владејачката СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не го коментираат случајот. Често нашите истражувања се „материјал“ за прес-конференции на едните или на другите, кому како му одговара, но во овој случај како никому да не му одговараше да се крева прашина за прашањето.

За куќата на Халкидики не се огласи ниту Обвинителството. Но, ќе мора да се огласи за другиот предмет поврзан со Даштевски, а тоа е за набавката на уредите на биометриска идентификација од „Дермалог“.
Макар и да го отфрли предметот наместо да молчи за него, тоа би било во духот на оваа година потпишаниот меморандум за соработка меѓу државниот обвинител Љубомир Јовески и претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска. А не, пак, ако си спомнеме и на завчерашната средба во рамките на „националниот фронт за борба против корупцијата“.