Од фирмата производител на уредите „Дермалог“ за „360 степени“ сведочат дека телфонот ѕвонел интензивно во првите два часа од отворањето на избирачките места, а проблемите што ги идентификувале верирале од невклучени уреди во струја, преку погрешно внесена лозинка, до трошење на батеријата поради постојана вклученост на термалниот принтер
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, како дел од причините за метежот на избирачките места наведе и дека една четвртина од отпечатоците добиено од Министерството за внатрешни работи се со лош квалитет. Тоа отвора дилема – дали отпечатоците на една четвртина од граѓаните се генерално неупотребливи, на пример, и за идентификување на сторители на кривични дела? Од МВР уверуваат – податоците исполнуваат минимални стандарди.
17 октомври – прв круг од локалните избори. Гласачките места се отворија во 7 часот изутрината. Не помина долго, а стигнаа првите новинарски извештаи од терен дека се јавиле проблеми со конекцијата, но и идентификацијата на првите гласачи со нвите апарати кои за првпат с екористеа на овие избори. Се жалеа избирачките одбори, реагираа и гласачите.
Уредите за биометриска идентификација на гласачите, кои граѓаните ги чинеа 11 милиони евра, не поминаа пилот-проверка пред денот на изборите. Па, и за можните причини за проблемите ДИК објаснуваше на прес-конференциите на самиот ден на гласањето.
„Некои лица не знаеја да ракуваат со нив. Меѓутоа, како одат ИТ лицата се смалуваат проблемите“,
кажа претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
„Како инструкција, којашто ја добија Избирачките одбори од Државната изборна комисија, е редовно да го чистат тој скенер каде што се остава отпечатокот од прст, а гласачите да притиснат повеќе кога го оставаат својот отпечаток на самиот скенер“,
препорача портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.
„Пратен е е-маил до сите општински изборни комисии да не известат за сите проблеми во најбрз можен рок“,
посочи на следната прес-конференција Даштевски.
Утрото, на првиот круг, „вжештена“ била и телефонска линија на „Дермалог“, фирмата од која се купени уредите и која беше должна да им излезе во пресрет на избирачките одбори за сите потешкотии со нив.
„Имавме јавувања исклучиво во првите два часа, при приклучувањето на уредот или при приклучувањето на принтерот, но можам да кажам дека останатиот дел од денот помина буквално без никакво јавување, значи се беше во ред со користењето. Едноставно, луѓето ги фати паника, одговорноста е голема. Не можат да го вклучат или погрешно ќе ја исукаат лозинката, лозинките се нормално сложени, голема буква, мала буква, бројка и тоа навистина знае да направи притисок, особено кога пред врата ви стојат повеќе луѓе кои чекаат“,
вели Емилија Бошковска – мастер обучувач на „Дермалог“.
Бошковска очекува избирачките одбори да се поподготвени за вториот круг, иако и пред првиот, сите поминале обуки на „Дермалог“, а добиле и упатство од ДИК. Образложение и демонстрација на одговорите за најчестите прашања од избирачките одбори, Бошковска даде пред камерата на „360 степени“.
„Важно е самиот апарат да е вклучен во струја. Имавме ситуации каде заборавиле да го вклучат, тој навистина има батерија и може да држи и 48 часа без да биде вклучен во струја, меѓутоа кога е приклучен со принтерот, принтерот може да му ја одзема енергијата. Принтерот се приклучува во апаратот само кога се принта.“
Бошковска посочува дека избирачките одбори се должни на секои два часа да ја испечатат состојбата со гласање со помош на уредот, вклучително и на почетокот на гласањето во 7 часот наутро.
„Овој извештај што е во седум часот треба да биде нулти, секаде, односно како доказ дека претходно нема внесено никакви други податоци во уредот. Се враќаме назад и веќе започнуваме избори.“
Апаратот се одржува како и секој андроид-уред, вели Бошковска, и посочува дека ако нечиј отпечаток од прст не може да се пронајде, посилното притискањето на уредот нема да помогне.
„Треба само да се внимава да не биде оставање на отисок со мокри раце, да бидат суви и да не го мократ скенерот. Сепак, скенер е во прашање“,
вели Бошковска.
И додека „Дермалог“ тврди дека техничките проблеми кои избирачките одбори ги имале со уредите биле решени во првите неколку часа од гласањето, медиумите и граѓаните јавуваа дека на некои места имало гужви и подоцна. Тоа го потврди и претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, на една од попладневните прес-конференции на денот на гласањето. Но, се обиде да објасни дека има повеќе причини за застојот.
„Избирачкиот список има многу повеќе страни од што имал претходно, затоа што имаме рекорден број на листи и поради тоа проверката трае подолго време. Од друга страна, преку една четвртина од отпечатоците на прсти кои ги добивме од МВР се со лош квалитет и утврдувањето оди поспоро или не може да се утврди, па се оставаат на страна. Понатаму, исто така имаме ковид-мерки и затоа не се пуштаат многу луѓе во просториите“,
кажа Даштевски.
Од овие наводи на Даштевски, најголема тежина има тврдењето за лош квалитет на отпечатоците.Тоа отвора дилема – дали отпечатоците на една четвртина од граѓаните се генерално неупотребливи, на пример, и за идентификување на сторители на кривични дела? Од МВР уверуваат – податоците исполнуваат минимални стандарди.
„Министерството не е надлежно за понатамошните постапувања со отпечатоците кои беа предадени во ДИК, во смисла дали тие биле повторно кодирани во рамките на системот за автоматизирана идентификација кој ДИК самостојно го набави за изборните цели, со кој квалитет, брзина и други перформанси располага тој систем, како и останати релевантни прашања во однос на употребата на отпечатоци од прсти за целите на идентификација при остварување гласачко право. МВР не може да коментира перформанси на систем кој не го поседува и нема учествувано во негов дизајн. Исто така, не е во надлежност на МВР да коментира дали и какви компетенции поседуваат членовите на избирачките тела за соодветно земање отпечатоци од прсти“,
велат од МВР за „360 степени“.
Првиот човек на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, ја одби нашата покана за интервју. Но, неофицијално, од ДИК велат дека отпечатоците ги внеле во уредите на „Дермалог“ онака како што ги добиле, без можност да се оштетат.
Чија и да е вината што новиот систем потфрли кај значаен дел од гласачите, останува фактот дека тоа предизвика застој, гужви, па и откажување од гласање. Во некои држави, како на пример во САД, вообичаена се редиците за гласање. Но, домашните гласачи се навикнати на друг процес.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, чија партија го даде предлогот да се гласа со биометриски уреди и покрај проблемите, вели дека ниту една партија не го оспорила гласањето со новите уреди.
„Лично сметам дека го поминаа испитот, затоа што придобивките на демократијата се неколкукратно поголеми од првичните редици од час до час и половина, затоа што со ‘фингерпринтот’ прво ќе се спречи она традиционално семејно гласање, понатаму ќе се спречи маратонското, односно гласање како Усеин Болд на неколку секунди да влегуваат по 40 или 50 гласачи што е физички невозможно. Понатаму, употребата на фингер принтот гарантира дека една единка којашто е присутна во Република Македонија ќе биде еден глас, така да верувам дека овојпат испитот е положен.
360°: Епа како е испитот положен кога на некои места и целосно се укина гласање со апаратите, се вратија на стариот метод?
Како што кажав, тоа беше првичниот прием на гласачите, заради тоа што некаде можеби имало одреден проблем, но, сепак требало избирачките одбори да го управуваат самиот ден на гласањето. Сметам дека денот помина, што е кажано од сите политички партии, во фер и демократска атмосфера, барем во најголемиот дел од изборниот ден“,
вели Стојаноски.
Најголемата владејачка партија, СДСМ, уште истата вечер се огради, но не го нападна новитетот.
„Денеска ние бевме сведоци на предизвиците кои се јавија со гласањето со отпечаток на прст и тоа е нешто на што беше укажувано во претходниот период. Но, гласањето со отпечаток од прст беше услов на ВМРО-ДПМНЕ за да гласаат на Изборниот законик и ние како демократска партија го прифативме тоа за да изборните резултати бидат уште повеќе кредибилни и да нема простор никој да ги успорува и да има алиби за што било“,
изјави вечерта по завршување на првиот круг од гласањето, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
Проблемите со уредите се најдоа и во првичниот извештај на ОБСЕ/ОИДХР.
„Доцното спроведување на биометриската идентификација на гласачи создаде дополнителни предизвици при спроведувањето на изборите. Оценката за денот на изборите, во што спаѓа и броењето гласови, беше генерално позитивна, и покрај честите проблеми со биометриските уреди, групното гласање и некои процедурални грешки при пребројувањето и сумирањето“,
кажа Тана Де Зулуета – шефица на набљудувачката мисија на ОДИХР.
Државната изборна комисија сè уште нема прецизни податоци колку точно гласачи не се идентификувани преку уредите и морале да остават отпечаток во хартиениот избирачки список. Со сигурност се знае дека на шест избирачки места целосно се прекинала биометриската идентификација и гласањето продолжило со УВ лампа и спреј. Единаесет избирачки места, пак, останаа отворени до подоцна за онолку време колку што имало и прекин на гласањето. За проблемите, пак, никој нема да сноси одговорност.