Грковска жали што првата опомена не дала резултат и укажува дека ќе го информира премиерот дека се повторува праксата државни простории да се користат за партиски институции најавувајќи дека се можни и други мерки за поведението на првиот вицепремиер
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска најави дека на вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби ќе му биде повторно изречена опомена за непочитување на Етичкиот кодекс. Ваквата реакција од Грковска следува откако „360 степени“ вчера објави дека наместо во партиското седиште лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со европските дипломати од Вајмарска тројка се сретна во просториите на Министерството за политички систем.

„Жал ми е што и покрај опомената што ја изрековме првиот пат има повторување на истото, во тој случај ние покрај тоа што повторно ќе искажеме опомена ќе го информираме премиерот дека се повторува праксата државни простории да се користат за партиски институции, а тоа воопшто не е во линија не само во рамките на одредбите на Етичкиот кодекс, туку и во однос на насоките и определбата на поделба на партија од државата.Треба да бидеме уште повеќе посветени да ставаме јасна дистинкција што е партиска, а што државна активност. Исто така, размислувам дали има можности и за други мерки и реакции, но за тоа кога ќе бидам сигурна и кога ќе одлучам што понатаму во овој аспект“,
рече Грковска.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) неодамна ја алармира вицепремиерката Грковска поднесувајќи претставка во која се бара да го санкционира првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби затоа што честопати ги користел службените простории на ова министерство за партиски цели. До ДКСК, како што кажа тогаш Ивановска, стигнале фотографии и линкови од фејсбук-профилот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) од кои се гледа дека во Министерството се одржувале средби на нивниот партиски лидер со претставници од странство.
Во своја одбрана, Артан Груби се обиде да објасни дека Ахмети доаѓал и ги користел просториите во Министерството како пратеник, но истакна дека ќе внимава такво нешто да не му се повтори.