Директорот на Агенцијата, Дритон Небиу, вели дека нема никаков законски прекршок во тоа што ѝ се отстапува одземен имот на џамијата и вели дека секогаш одговарал на ваквите барања што биле доставувани. Законската опција за бесплатно отстапување одземени добра за потребите на верски објекти и државни институции, вели, ќе ја користи и понатаму

Џамија во Арачиново веројатно ќе се поднови со комбе што ќе го добие од Агенцијата за управување со одземен имот, а било одземено во судска постапка. Предлогот е готов и зелено светло треба да дадат Управниот одбор и Владата, а директорот на Агенцијата, Дритон Небиу од Алијанса за Албанците, вели дека нема ништо противзаконско во ова.
Откако првично за комбето тој се пофали на социјалните мрежи, што предизвика реакции, преку соопштение до медиумите наведе дека не направил никаков законски прекршок со иницијативата за отстапување.
„Откако сум на функција како директор во Агенцијата, имам одговарано на секое барање доставено до нашата институција, меѓу кои беше и барањето од страна на џамијата во Арачиново. Како што веќе ѝ е познато на јавноста, Агенцијата согласно Законот бесплатно отстапува одземени предмети на други државни органи и надлежни институции преку кои отстапените средства се донираат за потребите на оние кои доставуваат барања. Така е и во овој случај, Агенцијата согласно законот, на нивно барање изготви предлог кој ќе биде проследен до управниот одбор и Владата на РСМ за добивање согласност, за којашто верувам дека ќе биде позитивна, со оглед на тоа што верските џамии или цркви се институции од општествен карактер, чија намена е за граѓаните, споделувањето и ширењето на мир и спокој во општеството“,
вели Небиу.
Секогаш, додава тој, работиме во интерес и за доброто на граѓаните, па затоа социјалната репупотреба и бесплатното отстапување одземени добра за општествени цели и понатаму ќе му бидат приоритет во работата.

На социјалните мрежи подоцна директорот објави уште еден предлог за отстапување имот. Но, овој пат за Бигорскиот манастир, а добрата што ги отстапува се: 10 килограми темјан, лустер, кандило, крстилница, црковен мебел, чајник, теписи и др.
Ваквиот предлог поминал на Управниот одбор на Агенцијата, а останува амин да даде и Владата.