Причина за ѕидот кој се крева над оваа иницијатива не е само фактот дека во неа одбива да членува Косово, туку и судирот меѓу Курти и Рама, во кој првенците на политичките партии на Албанците од С Македонија застанаа на страна на косовскиот премиер. Сега, откако и тој најави дека мисијата „Отворен Балкан“ може да заврши, интензитетот на отпор кон неа драстично порасна. Се бара од Владата да се повлече од проектот
Конфликтот и недоразбирањата меѓу Еди Рама и Албин Курти продуцира раскол во албанскиот политички кампус околу регионалната иницијатива „Отворен Балкан“. Иако Рама важи за еден од клучните лидери во овој процес, поддршката која ја ужива Курти меѓу политичките првенци од С Македонија, а тој е противник на иницијативата, ја доведува под знак прашалник нејзината одржливост и перспектива.
Речиси сите медиуми на албански јазик во земјава подолго време ги пренесуваат ставовите на челниците на опозициските Беса, Алтернатива, групацијата околу Изет Меџити и владината Алијанса кои иницираат преиспитување на членството на С Македонија во Отворен Балкан.
Тоа ескалира по последните тензични настани во Косово и вмешувањето на Еди Рама, кој побара деескалација и цврсто застана зад позициите на меѓународната заедница, спротиставувајќи му се на Курти. Односите меѓу нив се влошени, а Курти денеска не присуствуваше ниту на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан во Тирана.

Популарноста на Курти во земјава придонесе лидерите на партиите да покажат повеќе симпатија кон неговите позиции, па дури и отворено да се конфронтираат со Рама, како што е случај со првиот човек на Беса, градоначалникот на Тетово Биљал Касами. За него, тој е само добар глумец кому не му е гајле за Албанците надвор од Албанија а Отворен Балкан како негова иницијатива е план за враќање на српската власт на Балканот.
„’Отворен Балкан’ без Косово признато од Србија како независна и суверена држава, нема никакво значење како регионална организација. Заедничките проекти се реализираат само со добрососедство, засновано на меѓусебно признавање, а никако со вршење на злосторства врз народот на кој сè уште не му побарале прошка, па дури и сè уште нема чин на одговорност ниту од меѓународниот фактор. Сите проекти кои ги нарушуваат интересите на кој било народ, особено на Косово во оваа ситуација, остануваат неприфатливи“,
велат од партијата на Касами.

За разлика од Беса, „огнените“ на Меџити чекаа да излезат од ДУИ, но и да чујат како Рама најавува дека „иницијативата Отворен Балкан која произлезе од потребата за движење нанапред на Берлинскиот процес ја заврши мисијата за која се создаде“, за да го нападнат процесот. Водачот на новото движење кое треба да произлезе од т.н. огнени вели дека тој бил постојано против таквата иницијатива и дека се работи за српски проект.
„Никогаш не го прифативме Отворен Балкан. Не ни беа познати неговите цели, ниту потенцијалните резултати во иднина, и постојано бевме против. Ниедна каква било регионална иницијатива, политичка или економска, во која е Србија а не Косово, не може да му донесе ништо добро на регионот. За среќа г. Рама со задоцнување го сфати тоа и се повлече од Отворен Балкан, враќајќи се на Берлинскиот процес кој сите силно го поддржуваат, но се поставува прашањето зошто ДУИ останува единствениот партнер со Србија и со Ковачевски кој сака Отворен Балкан да преживее?
рече Меџити на денешниот собир.
Лидерот на партијата од власта, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците кој се нудеше да биде посредник во помирувањето на Курти со Рама постојано изразувал сомневање и резерви во однос на иницијативата. Сега, откако Рама обелодени дека е можно таа да финишира, Таравари без какви било дилеми побара од владата да се повлече од натамошно учество. Тој оценува дека со излегувањето на Република Албанија од Отворен Балкан, овој механизам би станал бесмислен и нелегитимен.
„Сакам да ги уверам граѓаните дека Алијансата за Албанците се оградува од секоја нова иницијатива на Владата на Република Cеверна Македонија во рамките на веќе прекинатиот механизам познат како Отворен Балкан. Дупликативните и неинклузивните механизми кои создаваат Западен Балкан со две брзини, не му помагаат на интегративниот дух во регионот. Патот напред е јасен: веќе потпишаните договори во рамките на Отворениот Балкан мора да бидат целосно интегрирани и имплементирани во рамките на Берлинскиот процес, почнувајќи од октомврискиот самит во Тирана“
е ставот на Таравари.
Од ДУИ засега нема никаков коментар и покрај отворените прозивки од опоненетите. Последниот настан во организација на инцијативата „Отворен Балкан“ беше одржан вчера. Македонскиот премиер и претседателката на српската влада го промовираа заедничкиот електронски систем за плаќање на патарини во двете држави.

Обајцата истакнаа дека „Отворен Балкан“ има светла иднина и најавија многу нови заеднички проекти. На настанот, за проектот говореше и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми (ДУИ). Тој истакна дека оваа иницијатива е за доброто на граѓаните.