Ова ќе биде трет инспекциски надзор во битолската болница оваа година, откако кон крајот на март ДСЗИ влезе во болницата по смртта на шестгодишната Јана, а дваесетина дена подоцна здравствените инспектори вршеа надзор за случајот со смртта на новороденче
По информацијата дека 21-годишна девојка вчера родила мртво бебе во Клиничката болница во Битола, министерот за здравство Фатмир Меџити побара од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да изврши вонреден инспекциски надзор во одделот за гинекологија и акушерство во битолската болница.

Повикувајќи се на извештајот од битолската болница, од Министерството за здравство велат дека бременоста кај пациентката се одвивала во Германија до седмиот месец, а по доаѓањето во болницата во Битола не приложила никаква документација од која би се утврдило дека бременоста е контролирана и следена од лекар.
Родилката, како што додаваат од Здравство, првпат се јавила на матичен гинеколог во 29. недела од бременоста и вторпат во 36. недела на приватен матичен гинеколог, по што била препратена во болницата во Битола поради вишок плодова вода – состојба која, како што велат од Министерството, укажува на компликации кај плодот.
„Во текот на вчерашниот ден бил извршен царски рез кај пациентката, плодот е роден мртов без срцева акција. Оваa бременост е четврта кај родилката, а и третата бременост завршила со ист исход“,
се додава во соопштението на Министерството за здравство.
Родилката во моментов е на лекување во болницата во Битола и е во општа добра состојба.
Ова ќе биде трет инспекциски надзор во битолската болница оваа година, откако кон крајот на март ДСЗИ влезе во болницата по смртта на шестгодишната Јана, а дваесетина дена подоцна здравствените инспектори вршеа надзор за случајот со смртта на новороденче.