Лани Фондацијата добила околу 4 500 евра поддршка од Владата. Годинава, пак, само 910 евра
„Славко Јаневски“ е непрофитна организација формирана првенствено да ја продолжи наградата „Роман на годината“ која ја доделуваше сега веќе згаснатиот „Утрински весник“. Целта е промоција и заштита на македонската литература
За жал, во Македонија тешко се создаваат традиции, но затоа многу лесно се уриваат, гласи последната реченица во денешното обраќање до јавноста на Ѕвездан Георгиевски, извршниот директор на Фондацијата „Славко Јаневски“ која последниве години ја доделува наградата „Славко Јаневки“. Причината за зборовите може да се разбере од текстот што претходи на цитираната реченица. Министерството за култура, без особено образложение, за пет пати ги намалило средствата што ги доделува од годишната програма за култура.
Не станува збор тука за некакви големи пари. До лани „Роман на годината“ бил помаган со по околу 4 500 евра. Годинава добиле само 910 евра од владиниот ресор.
Фондацијата „Славко Јаневски“ испрати соопштение до јавноста по одбивањето на жалбата од страна на Министерството за култура и Државната комисија за управни постапки во однос на финансиската поддршка на „Роман на годината“.

„За Фондацијата „Славко Јаневски“ останува мистерија што се случи во меѓувреме, па ’вредноста’ на проектот да се намали за повеќе од пет пати. Земајќи ги предвид сите објективни околности, сепак не можеме да разбереме зошто кај овој проект дојде до олкаво драстично намалување на поддршката од Министерството и како е можно Комисијата за издаваштво и литературна дејност до таа мера да го смени своето претходно мислење“,
соопшти денеска Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.
Фондацијата се жалела и второстепена комисија, но оттаму жалбата ја одбиле како неоснована. Причината за одбивањето, според Георгиевски, е што не понудиле „нови докази“ за да се менува одлуката, освен тие доставени претходно до Министерството за култура.
За илустрација, велат од Фондацијата „Славко Јаневски“, паричниот дел од наградата изнесува 150 000 денари (околу 2 500 денари) во нето-износ, а потребни се и средства за хонорари за петчлената жири-комисија кои изнесуваат приближно исто толку. Понатаму, има трошоци за свечено врачување, оригинална статуетка што ја добива лауреатот за промоција низ повеќе градови.

„Роман на годината“ е доделен 24 пати од 1999 година. Ја почна „Утрински весник“ со цел промоција на македонската литература. По згаснувањето на весникот, традицијата ентузијастички ја продолжи новоформирана Фондација „Славко Јаневски“, првенствено за да се продолжи животот на наградата.
„Со ваква финансиска поддршка од Министерството за култура, опстојувањето на ’Роман на годината’ е сериозно доведено во прашање. И тоа во пресрет на неговиот 25-годишен јубилеј“,
велат од Фондацијата „Славко Јаневски“.
До 15 декември, кога традиционално се распишува конкурсот за „Роман на годината“, остана уште малку време, предупредуваат од Фондацијата „Славко Јаневски“. Од организацијата најавува дека прават огромни напори за да успеат да го организираат годинешниот, инаку јубилеен 25-годишен конкурс.

„Ако на Република Северна Македонија не ѝ е потребен ’Роман на годината’, тогаш не гледаме причини зошто би ни бил потребен и нам“,
додаваат од Фондацијата „Славко Јаневски“.
Министерство за култура за наградата „Роман на годината“ за 2022 одреди сума од 55.965 денари. За илустрација ќе кажеме дека само паричниот дел од наградата изнесува 150 000 денари во нето износ. Хонорарите на петчлената жири-комисија исто толку. Натаму, тука се трошоци за свеченото врачување, за оригиналната статуетка што ја добива лауреатот, за промоции низ повеќе градови во Републиката…