Куманово и денеска е градот со најголем број на новорегистрирани случаи со ковид-19, вкупно 18. Но, она што уште повеќе ја загрижува кумановската јавност е сознанието дека, како што дознава „360 степени“, една третина од новозаразените се медицински лица од кумановската болница. Или од вкупно 18 нови случаи во последното деноноќие, 6 лица работат во болницата.
*поврзана вест Нови 68 случаи на ковид-19 во Македонија, најмногу во Куманово
Упатени извори за „360 степени“ брифираат дека тројца од новозаразените медицински работници се од хируршкото одделение и по еден од гиникологија, од лабараторијата и од уво, нос и грло.
Дури 40 медицински лица имаат ковид-19
Со новите шест случаи во кумановската болница, бројот на заразени од коронавирусот во оваа здравствена институција се искачи на 40 лица, велат од болницата за „360 степени“. Со оглед на фактот дека во градот има вкупно 200 заболени од ковид-19, тоа значи дека 20% од заразените со коронавирусот се медицински лица.

Кумановската болница, заедно со администрацијата, техничките служби и медицинските лица, има околу 680 вработени. Освен 40 заболени, информациите од пред три дена беа и дека над 70 медицински лица се во изолација, а 60-70 вработени, пак, се ослободени од работа поради времена болест, бидејќи се самохрани родители итн.
Гинеколошко-акуштерското одделение, за да ги заштити пациентките, престана да прима нови и ги препраќа во Скопје.
*поврзана вест Директорката на кумановската болница предупредува: Имаме 30 пациенти со ковид-19, а сè помалку персонал