Даниел Димевски, поранешниот надворешен соработник за спорт на експремиерот Зоран Заев за кого Државната комисија за спречување на корупцијата вчера отвори постапка, реагира дека Антикорупциска прави грешка во неговиот случај. Откако ДКСК вчера соопшти дека ќе ја истражува постапката како тој станал закупец на СРЦ Кале, Димевски објаснува дека станал закупец на земјиштето околу комплексот, а не на објектите.
Спортските сали, Кале 1, Кале 2 и лизгалиштето, не се предмет на закуп. Објавениот јавен повик – Оглас за издавање е за земјиште а не за објекти, коешто е дел од СРЦ Кале, на коишто парцели во моментов има запуштен паркинг и целосно руиниран и запуштен базен. Проблемот е што ДКСК воопшто не побара никаков доказ ниту мислење од нас, ниту од закуподавачот, во случајов ЈП за спортски објекти. Уверен сум дека предметот ќе го затворат без пријава а само штетата по мојот углед и здравје ќе ми остане бакшиш.“
вели Димевски.

Во своја одбрана, Димевски го сподели и записникот од јавното надавање за земјиштето, на кое се пријавил само тој преку фирмата „Турд Олимпик“. Месечната закупнина со која ги добил парцелите на користење во следните пет години, меѓу кои најголема е КП 5514, изнесува 36 900 денари.
Предметот кој ДКСК вчера го отвори за Даниел Димевски е по сопствена иницијатива на институцијата. Во соопштението на институцијата стои дека:
„Врз основа на добиени сознанија, ДКСК одлучи да отвори предмет по сопствена иницијатива во врска со наводи за сомневање на незаконско постапување на надворешниот соработник за прашања од областа на спортот на претседателот на Владата на РСМ, Даниел Димевски, кој во својство на надворешен соработник и управител на правното лице ‘Турдолимпик’ ДОО Скопје стекнал својство на закупец на СРЦ ‘Кале’ со што во улога на надворешен соработник остварил приватни интереси со што го оштетил Буџетот“,
соопштија вчера од ДКСК.