Без никакви детали за причините, ниту за тоа како се одлучувало по претставката, во кусото соопштение објавено на официјалната веб-страница на Судскиот совет е потврдена информацијата дека е запрена постапката против врховниот судија Наќе Георгиев.
„По едно барање за судија, во својство на претседател на апелационен суд, постапката се запира“,
пишува во соопштението од Судскиот совет.
Медиумите во текот на денот веќе ја објавија одлуката на Судскиот совет која е индикативна бидејќи се носи само еден ден пред Георгиев да стане член токму на ова највисоко судско тело. Предметот за него е држен во фиока подолг период и не е ставен на дневен ред, иако за истиот случај за кој нему му била поднесена претставка, разрешени се тројца судии од штипска апелација, судот со кој Георгиев во тој период претседателствувал.
Тој е сега на чекор да биде избран за нов член на Судскиот совет како единствен кандидат од врховниот суд, бидејќи тој е единствениуот кандидат. Формално тој може да биде избран и само со еден глас, неговиот.
Во нејасното соопштение од Судски совет не може да се исчита каква одлука донеле членовите за претставката поднесена против претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини. Претпоставка на новинарите кои го следат работењето е дека за него не е донесена одлука, односно тоа е оставено за некоја од наредните седници. Така се толкува делот од соопштението од Судскиот совет во кое се нагласува дека „точката за формирање Комисии по поднесени барања за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд е одложена за наредна седница по барање на член на Советот“.
За Сејдини, според новинарските написи објавени денеска била поднесена претставка за наводни злоупотреби со распределба на предмети. Потсетуваат дека за ист случај, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски е на издржување казна затвор од 2,5 години.