Членовите од Законот за матична евиденција на кои се повикуваат од Министерството, се однесуваат на тоа што се запишува во матичната книга на родените, матичната книга на венчаните и матичната книга на умрените, а дел од забелешките, како на пример тие на поранешната министерка за правда Рената Дескоска, беа токму дека етничката припадност се пишува во матичната книга, но не сè што е напишано таму треба да стои и во изводите

Од Министерството за правда преку соопштение тврдат дека упатството со кое се воведе графа за етничката припадност во изводите од матична евиденција не е противзаконско. Од ресорот на Кренар Лога се повикуваат на Законот за матична евиденција.
„Упатството не се коси со законите, туку е во согласност со Законот за матична евиденција. Националност во матичната книга на родените се предвидува во членот 4, на венчаните во членот 11 и на умрените во член 13 од Законот за матична евиденција“,
велат од правда.
Но, членовите од Законот кои ги цитираат од Министерството се однесуваат на матичната книга на родените, матичната книга на венчаните и матичната книга на умрените, а дел од забелешките, како на пример тие на поранешната министерка за правда Рената Дескоска, беа дека етничката припадност се пишува во матичната книга, но не сè што е напишано во матичната книга треба да стои и во изводите.
За поранешната шефица на ресорот правда, одлуката на Уставниот суд да почне постапка за упатството со кое се воведе графа за етничката припадност во изводите од матична евиденција е добра вест.
Упатството што го донесе министерот за правда Кренал Лога на 29 мај 2023 година се најде во фокусот на јавноста поради ставањето на графата „националност“ во подзаконскиот акт. Уставниот суд, на крајот на јуни, одлучи да отвори предмет по сопствена иницијатива. Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, одговарајќи на новинарско прашање на брифинг со новинари, рече дека според неа Упатството се коси со Уставот.
„Затоа што сметам дека е неуставен. Сметам дека Упатството е спротивно на Уставот. Има одредби кои се косат со Уставот“,
рече таа на брифингот.