„Да се потсетиме дека силата лежи во единството и дека напредокот се постигнува преку споделени потфати. Почесниот конзулат на Норвешка во Скопје нека биде основа за нашето пријателство да продолжи да се развива и нашето партнерство да го издржи тестот на времето“, порача државниот секретар при МНР на Норвешка, Еивинд Вад Петерсон
На свеченост во кругот на „Алкалоид“ во Скопје денеска беше отворен почесен конзулат на Кралството Норвешка. Ќе го раководи почесниот конзул Живко Мукаетов, генерален директор на македонскиот фармацевтски гигант. На настанот присуствуваа повеќечлена делегација од Министерството за надворешни работи на Норвешка, министри во Владата на Северна Македонија, директори на јавни институции, амбасадори на други земји, бизнисмени и други високи гости од општествениот живот.
Државниот секретар при МНР на Норвешка, Еивинд Вад Петерсон, порача дека Кралството Норвешка е сојузник на Северна Македонија и го поддржува нејзниот пат кон зачленување во Европската Унија.
„Заедно се борими за мир, стабилност и проспоритет не само во рамките на нашите граници тука насекаде во светот. Да се потсетиме дека силата лежи во единството и дека напредокот се постигнува преку споделени потфати. Денеска и Вам Ви оддаваме почит, г. Живко Мукаетов, наш почитуван почесен конзул. Ви благодариме за Вашата поддршка за одржувањето на овој настан и се радуваме на нашата натамошна соработка. Почесниот конзулат на Норвешка во Скопје нека биде основа за нашето пријателство да продолжи да се развива и нашето партнерство да го издржи тестот на времето. Задоволство ми е да го прогласам Конзулатот за отворен“,
порача Петерсон.
Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во својство на почесен конзул на Норвешка, се заблагодари за честа и рече дека со својот тим ќе даде се од себе за да ја промивараат Норвешка и да ги унапредат односите меѓу двете држави.
„Би сакал да се заблагодарам на Кралството Норвешка за можноста тука да ја претставуваме оваа убава земја. Од оваа перспектива би сакал да кажам – имајќи предвид дека јас и мојот тим 16 години го водиме овдешниот Генерален конзулат на Кралството Данска, ќе се стремиме да го дадеме најдоброто за промовирање на Норвешка, да работиме и да ги промовираме интересите меѓу двете земји. Знаејќи дека двете земји се дел од НАТО, сигурен сум дека не само во овој, туку и во други сегменти, ќе можеме да ја прошириме соработката и дека ќе направиме се што можеме за да бидеме промотори на Кралството Норвешка“,
рече конзулот Мукаетов.